3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовисоки гаранции од 60.000 евра за ТИР транспортите

Повисоки гаранции од 60.000 евра за ТИР транспортите

kamioni-granica

Македонските камионџии добиваат повисоки гаранции во износ од 60.000 евра, наместо досегашните 50.000 долари, за вршење ТИР транспорти од Македонија во меѓународниот патен сообраќај.

Ова е овозможено со денеска потпишаниот Анекс на постојниот Договор за соработка помеѓу Царинската управа и Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ. Се гарантира дополнителна безбедност и сигурност на сите пратки што се превезуваат под покритие на ТИР карнетите и сино белата ТИР ознака на камионите.

– За економските оператори и превозници тоа значи дополнителна можност бидејќи ќе можат под покритие на ТИР да превезуваат стока со повисока вредност од досегашната, односно, стока за која пресметаните давачки се во висина до 60.000 евра, оцени на денешната прес конференција Наташа Радеска Крстевска, новиот директор на Царинската управа на потпишувањето на анексот.

ТИР карнетот е меѓународен царински документ, кој се користи во транзитни постапки, како во земјите на поаѓање, така и во земјите на транзит и прием. АМЕРИТ, како здружение на превозници во патниот транспорт, во Македонија е национален гарант и издавач на ТИР карнетите, а Царинската управа врши проверка дали транспортните компании ги исполнуваат условите за нивното издавање.

– Сино-белите таблички што ги гледаме на илјадници камиони се синоним за нивно брзо и ефикасно поминување низ границите. Потврда за тоа е што од 2008 година до денес Царинската управа нема утврдено неправилности во некои постапки што се спроведувани со ТИР карнет заради наплата на давачки, наведе Радеска – Крстевска.

Една од активностите која го овозможи Анексот, укажа, е и воведувањето на електронската ТИР пред-декларација од ноември лани, која е бесплатна за македонските камионџии.

– Со нејзината примена се скратува многу времето на престој на транспортните возила што пренесуваат стока во самите терминали и се намалуваат трошоците. Затоа ги повикувам превозниците да ја користат оваа можност и редовно до Царинската управа да испраќаат електронски пред-деклараци, наведе директорката на Царината.

Со управителот на „Македонија сообраќај“ Златко Кочовски ја оценија како успешна досегашната соработка во олеснување на работата на превозниците и функционирање на царинскиот систем и најавија и нови такви идни активности.

– Сакам да ја нагласам одличната соработка со Царинската управа, како во поглед на ТИР  системот, така и во поглед на Советодавното тело, коешто ја обединува бизнис заедницата. Заклучок на бизнис заедницата и на Советодавното тело заедно со Царинската управа уште пред неколку години е дека се исполнети голем дел од зацртаните работи.

Сакаме да соработуваме и во имплементација на новиот НЦТС транзитен систем, кога ќе биде пуштен, рече Кочоски.

Тој очекува соработката да продолжи и во воспоставување ТИР ЕПД зелени ленти на граничните премини, а кои се посебни сообраќајни ленти за превозниците со електронска ТИР преддекларација. Со тоа, укажа, транспортот, ќе се одвива максимално брзо, ќе нема чекање и како држава ќе не издвои од останатите балкански земји во брзината на минување на камионите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП