8 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Србија во 11 месеци во 2013 година имала нето прилив на странски директни инвестиции од само 643 милиони евра, а во оваа година најмалку и се потребни 1,7 милијарди. Тоа го оценија експерти од списанието Макроекономски анализи и трендови. Економистот Стојан Стаменковиќ смета дека државата тешко ќе успее да собере и една милијарда евра инвестиции, освен ако се одлучи да го продаде Телеком и дека многу брзо буџетот за 2014 година ќе биде во проблеми, бидејќи е најавена заштеда од 400 милиони евра, а приходите се преценети.

Белград – Наспроти економската криза и рецесија една од ретките стопански гранки која во светот бележи раст е туризмот и тоа во просек од околу пет отсто годишно. Србија лани оствари раст на бројот на странски туристи за околу 14 отсто, во однос на претходната година и по тој основ приходуваше над милијарда американски долари, истакна еден од учесниците на трибината за туризам, проф. Слободан Унковиќ.

Загреб – Австрискиот весник Пресе објави анализа на состојбата во Хрватска по влезот во ЕУ, под име Наместо раст, уште подлабоко во криза. – Серијата лоши вести од Хрватска не престанува и во новата година. Зголемениот број на невработени, големите долгови и долгорочно лошата перспектива покажуваат дека за слабата членка приклучувањето во Унијата сеуште не се исплати – констатира Пресе во свој текст за состојбата во Хрватска, потенцирајќи дека е посебно тешка невработеноста меѓу младите – секој втор нема работа.

Љубљана – Словенија на финансискиот пазар продаде две доларски обврзници, задолжувајќи се за 3,5 милијарди долари. Продадена е една пет годишна обврзница со камата од 4,275 отсто и обврзница со 10 годишно доспевање со камата од 5,48 отсто, јавија словенечките медиуми. Побарувачката на странските инвеститори за словенечките државни обврзници изнесуваше 16,4 милијарди долари.

Брисел – Европските министри одобрија одгледување на нова генетски модифицирана пченка од типот ТЦ1507 на американската компанија Пионир. Одгледувањето е одобрено откако противниците на ГМО храната не успеаја да добијат доволно поддршка за отфрлување на таа мерка. Одгледувањето на ГМО организми предизвикува сомневање во сите 28 земји на Унијата, додека противниците на ГМО храната тврдат дека таа носи ризици по здравјето на луѓето и животната средина, пренесе Франс прес.

Канбера – Премиерот на Австралија Тони Абот изјави дека не може да направи ништо што би ја спречило Тојота да го изгаси производството на автомобили во Австралија. Австралиската опозиција се плаши дека тој потег на јапонскиот автомобилски гигант може да предизвика економска криза. Тојота одлучи во 2017 година да го прекине производството на автомобили во Австралија, поради високите трошоци за производството, силните локални валути и малиот пазар, што без работа ќе остави 2,500 луѓе. Таа земја, така по 66 години ќе остане без автоиндустрија.

Париз – Бројот на потрошувачите на луксузна стока во изминатите 20 години три пати е зголемен и сега според оценка на Бен и Компани изнесува 330 милиони на глобално ниво. Во студијата на агенцијата се наведува дека во 1995 година бројот на луксузните производи не надминувал 90 милиони, пренесе АФП. Се оценува дека до 2020 година бројот на потрошувачите на луксузна стока може да достигне 400 милиони, а до 2030 година половина милијарда. Пазарот на луксузни производи, кој секоја година во просек добива 10 милиони нови конзументи, лани остварил приход од 217 милијарди евра.

Доха – Катар најави воведување на серија на мерки за заштита на странски државјани кои работат на градилиштата наменети на објекти за одржување на Светското првенство во 2022 година. Оваа богата заливска земја, која е на удар на критики на организациите за заштита на човекови права поради условите за живот и работа на странската работна сила, посебно во градежниот сектор, ја повика Меѓународната заедница за труд на лице место да ја утврди примената на новите прописи.

Вашингтон – Ако американското стопанство продолжи да бележи знаци на подобрување, Фед ќе преземе дополнителни чекори за намалување на помошта низ месечен откуп на државни обврзници. Тоа го најави претседателката на американската Управа на федерални резерви Фед, Џенет Јелен во првото јавно обраќање откако минатата недела ја зазема лидерската позиција во Фед.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП