1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД ќе одбегнат нова должничка драма, ќе се фокусираат на Обамакер

САД ќе одбегнат нова должничка драма, ќе се фокусираат на Обамакер

kongres

Опозицијата во американскиот Конгрес се откажа од условувањето на американскиот долг во рок од една година, со што е одбегната опасноста од повторување на минатогодишната блокада на Владата на САД и банкротирањето на државата, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Според Законот кој вчера беше усвоен во Претставничкиот дом на САД, Секретаријатот за финансии може да продолжи да се задолжува во текот на следната година, до март 2015 година.

Американскиот долг, кој во октомври, за време на буџетската расправија изнесуваше 16,7 трилиони долари, во изминатите 4 месеци порасна на неверојатни 17,2 трилиони долари, колку што изнесува денес.

Републиканците најавуваа дека ќе побараат повеќе отстапки од претседателот Барак Обама и неговата Демократска партија за да дозволат да продолжи ова задолжување, меѓу другото барајќи да се изгради нафтоводот Кистон до Канада, или да се спречи државната помош за здравствените осигурителни компании кои се соочуваат со банкрот поради реформата Обамакер.

Но, поради неможност да се постигне едногласност во Републиканската партија, спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер се обрати до демократските конгресмени со предлог да се изгласа кревање на границата на долгот без никакви услови.

На крајот, само 28 републиканци му се придружија на сопартиецот Бојнер во гласање да се крене нивото на
долгот, додека дури 199 републиканци гласаа против.

Сепак, предлогот беше изгласан со поддршка од малцинските демократи, од кои 193 гласаа за, со што на крајот предлогот беше изгласан со 221 глас за, наспроти 201 глас против.

Бојнер, кој ги збуни новинарите и конгресмените пеејќи ја песната „Зип а ди ду да“ по тензичното гласање, сега се соочува со повици да даде оставка од десничарското крило во партијата, кое сакаше повторно да се спротистави на трошењето на претседателот Обама.

Предлогот, кој ја отстранува опасноста буџетот на САД да остане без пари, треба да биде потврден и од Сенатот и потпишан од претседателот Обама.

Во пресрет на новото снежно невреме кое се упати кон источниот брег на САД, Сенатот се подготвува експресно да го усвои законот, но републиканскиот сенатор Тед Круз, кој во октомври го предводеше отпорот против Обамакер, најави дека повторно ќе стори се што може за да го забави гласањето во Сенатот.

Сепак, дел од републиканците сметаат дека вчерашниот потег ќе и помогне на партијата во оваа предизборна година, со тоа што нема да се дискутира за блокирањето на централната Влада, мерка која е непопуларна во јавноста.

Место тоа, републиканците планираат во кампањата да се фокусираат на проблемите во Обамакер, која остави милиони Американци без здравствена заштита, а според последните проценки, ќе остави и 2,5 милиони од нив без работа.

Претседателот Обама завчера повторно одложи значајни одредби на законот, во овој случај членот со кој ќе се обврзеа компаниите кои имаат меѓу 50 и 100 вработени да им обезбедат здравствена заштита на своите работници.

Повеќе компании се заканија дека ќе бидат принудени да отпуштат дел од работниците бидејќи не можат да си дозволат да го почитуваат законот.

– Нашата цел не е да ги казниме луѓето. САД имаат уникатен здравствен систем различен од повеќето развиени држави, при што здравствената заштита е поврзана со работното место.

Ќе им дадеме на луѓето повеќе флексибилност и на крајот мислам дека тоа ќе биде добро за економијата, изјави претседателот Обама на вчерашната прес-конференција со францускиот претседател Франсоа Оланд, на која беше прашан за одложувањето на одредбите од Обамакер, и за проценката дека поради неговата реформа, 2,5 милиони Американци ќе бидат во ситуација повеќе да им се исплати да не работат и да добијат поефтина здравствена заштита, отколку да одат на работа.

Дополнителни критики кон претседателот предизвика најавата дека Секретаријатот за финансии ќе побара од менаџерите на сите компании кои во иднина ќе отпуштаат работници или ќе им го скратат работното време да дадат јавна изјава дека не ги отпуштиле работниците за да ги одбегнат обврските кои им се наметнати со Обамакер.

Доколку менаџерите дадат лажна изјава, ќе може да се соочат и со кривично гонење. Оваа нова мерка се објаснува со страв во администрацијата на Обама дека спроведувањето на законот ќе доведе до значителни отпуштања на работници, и дека тоа тешко ќе се одрази врз демократските кандидати на изборите за Конгресот во ноември 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП