25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Двојно ќе се зголеми поддршката за развој на туризмот

Груевски: Двојно ќе се зголеми поддршката за развој на туризмот

gruevsk876

Владата оваа година ќе ја зголеми поддршката за развој на туризмот со двојно повеќе средства од лани, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

„Предвидени се 150 милиони денари во делот на Агенцијата за туризам“, најави Груевски, посочувајќи дека надвор од тоа планирани се средства и за меѓународна медиумска промоција.

Охрабрени сме од минатата година, додаде, затоа што имаше 26 отсто раст на странски туристисти и шест отсто домашни во споредба со 2012 година. Тоа покажува дека правецот е добар, истакна премиерот Груевски.

Смета дека тоа е резултат на многу чекори што беа преземени од страна на Владата, меѓу кои се и давањето субвенции на тур-операторите кои носат туристи во Македонија, на авиокомпании и меѓународната медиумска промоција на Република Македонија.

„Се разбира, помогнаа и инвестициските промотори, кои освен задачата да ја претставуваат Македонија како бизнис-дестинација, и со закон и со одлука на Влада, имаат добиено задача да ја претставуваат Македонија и како туристичка дестинација“, рече Груевски.

Новина е тоа што од оваа година во овој буџет за туристичка промоција се слеваат пари и од игри на среќа.

„Четириесет милиони денари од овие пари ќе бидат директно од игрите на среќа“, изјави премиерот кој беше на промоција на лабораторија за молекуларна патологија и експериментално генска терапија на Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје.

Претседателот на Владата информираше исто така дека во тек е конкурсот за издавање под концесија на 39 ловишта низ земјата.

„Веќе има објавено конкурс за 39 ловишта од кои 13 се за крупен дивеч, а останатите за ситен дивеч. Во март конкурсот завршува. Ова е добра можност за сите домашни и странски лица кои ги исполнуваат условите и критериумите во законот да се пријават. Оној кој ќе ја добие концесијата е тој кој што најмногу ќе понуди на електронска аукција. Ова е добро за локалниот економски развој и отвора нови работни места“, изјави премиерот Никола Груевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП