5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија ќе користи словенечки искуства за развој на спа туризмот

Македонија ќе користи словенечки искуства за развој на спа туризмот

spa centar

Македонија ќе користи словенечки искуства за езерскиот, а пред се за спа и вeлнес туризмот. Соработката е договорена на 10. состанок на Мешовитиот комитет за соработка меѓу Македонија и Словенија што вчера и денеска се одржа во Скопје.

Група словенечки инвеститори во делот на хотелиерството треба денеска да пристигне во Скопје, а утре да престојува во охридскиот регион каде ќе им бидат презентирани можни локациии за изградба на хотели.

Соработка веќе има и во делот на спа туризмот, особено со Термооливија, сопственикот на еден од најголемите спа центри на Балканот. Тие развија концепт за проект во Македонија, а од нив се побарани и искуства кои се користат во нашиот концепт за развој на спа и велнес туризмот. Од неодамна во собраниска процедура се и измените на Законот за минерални суровини со кои ќе се дозволи деливост на концесиите за термоминерални води со цел да се стимулираат инвестиции во спа и велнес туризмот.

Во рамките на состанокот денеска заменик-министерот за економија Христијан Делев и директорот на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи во Република Словенија, Станислав Рашчан потпишаа протокол за стопанска соработка меѓу двете земји.

„Во последниве три години соработката меѓу Македонијаи Словенија не беше многу на задоволително ниво, но при крајот на минатата и на почетокот на годинава има знаци на подобрување, особено во делот на извозот на македонски производи на словенечкиот пазар“, изјави Делев по потпишувањето на протоколот.

Тој нагласи дека во изминатите два дена разговарале за соработката во делот на инфраструктурата, енергетиката и обновливите извори на енергија при што бил презентиран новиот повик за изградба на мали хидроелектрани во Македонија, како и проектите за изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште и за гасификација на земјава.

„Стана збор и за туризмот во кој е добродојдено словенечкото искуство како лидер во регионот во развојот на езерскиот и спа и велнес туризмот. Годинава заеднички ќе имплементираме проект преку УНИДО за езерскиот, руралниот и спа туризмот“, рече Делев.

Рашчан изрази надеж оти нема да бидат потребни нови десет години за состанок на Мешовитата меѓувладина комисија и дека 11. состанок ќе се случи идната година во Словенија.

„Резултатски не сме на нивото на кое би требало да бидеме, но податоците во 2013 година покажуваат дека стоковата размена меѓу двете земји е на ниво од речиси 200 милиони евра. При тоа има импресивен резултат од македонската страна со 45 отсто повеќе извоз во Словенија. Сепак и ние сме задоволни, бидејќи имаме зголемување на нашиот извоз во Македонија за 12 отсто“, рече Рашчан.

Тоа, како што нагласи, покажува дека излегуваме од кризата.

„Бележиме одлични резултати и на полето на туризмот и инвестициите. Имаме преку 10.000 туристи од едната во другата земја, Словенија е четврти инвеститор во Македонија, но очекуваме да се зголемат и македонските инвестиции кај нас. Сакаме да има повеќе македонски земјоделски производи на словенечкиот пазар зашто традиционално се познати како добри и здрави поради што не е потребно да се прават некои посебни промоции“, прецизира Рашчан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП