8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Та Неа“: Изненадувачкиот суфицит во грчкиот Буџет ќе ги деблокира преговорите со...

„Та Неа“: Изненадувачкиот суфицит во грчкиот Буџет ќе ги деблокира преговорите со „тројката“

grcija8

Грција е се поблиску до новиот спасувачки пакет на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, но и до деблокирање на преговорите со „тројката“ меѓународни кредитори за добивање на уште една транша од 4,9 милијарди евра, објавуваат денеска грчките медиуми.

Овие прогнози, како што јави дописникот на МИА од Атина, се темелат на фактот дека главното оружје на Грција за постигнување на оваа цел се сведува на регистрираниот изненадувачки висок раст на примарниот буџетски суфицит за 2013 година, кој досега беше клучна пречка за доделување уште средства на земјата.

Претседателот на Еврогрупата Јерун Дајселблум вчера ја потврди информацијата за нов пакет за спас за Грција, под услов нејзината Влада да ги исполни преземените обврски.

Извори од економскиот тим на Кабинетот на грчкиот премиер Самарас за весникот „Та Неа“ изјавиле дека во рамките на Еврогрупата веќе се води дискусија за нова помош за Грција.

Според некои проценки, примарниот буџетски суфицит на Грција за 2013 година се очекува да надмине 1,5 милијарди евра. Се смета дека овој раст се должи делумно на приходи во износ од околу 800 милиони евра од европските програми наменети за автопатиштата.

Ако по овој раст на суфицитот биде постигнат договор со „тројката“ (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), ќе биде решено и клучното прашање за „дупката“ во буџетот за 2014 година, тврдат аналитичарите. Извор од „тројката“ рекол дека примарниот суфицит би можел да ја сведе на минимум дефицитот во буџетот за 2014 година, која се проценува на една милијарда евра.

Во меѓувреме, се уште не е познато кога претставниците на „тројката“ ќе се вратат во Атина за да ги продолжат преговорите за доделувањето на следната транша, со оглед на фактот дека нивната конечна оценка продолжува да се одолговлекува од септември и таа во голема мера зависи од се уште постоечките несогласувања со Владата околу структурните реформи.

Пред неколку дена германски „Шпигел“ објави дека се разговара за трет пакет финансиска помош за Грција и оти е можно тоа да се случи пред евроизборите. Новата финансиска инекција би изнесувала од 10 до 20 милијарди евра.

Грција од 2010 година, па досега, доби 240 милијарди евра финансиска поддршка во две спасувачки програми од Меѓународниот монетарен фонд и еврозоната, во замена за намалување на трошоците и спроведување реформи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП