6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМониторинг и на регионалните телевизии во целата држава

Мониторинг и на регионалните телевизии во целата држава

monitoringtelevizii1

– Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги ќе врши мониторинг и на програмите на регионалните телевизии низ целата држава,  покрај досегашните следења во живо на националните и на регионалните телевизии и радија во Скопје.

– Сега можеме во живо да ги следиме и регионалните телевизии во Македонија. Тоа многу ќе ни помогне не само за подобро спроведување на мониторингот за изборите во 2014 година, туку и за тековното функционирање на Агенцијата од аспект на спроведување на законите за аудиовизуелни медиумски услуги и за медиуми, рече денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски.

Тој ја презентираше новата опрема за мониторингот пред министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на ОНЕ Цирил Кафол. Со стартот на дигитализацијата, укажа, се овозможи операторот на дигиталниот мултиплекс ОНЕ да доставува сигнал до Агенцијата од регионалните телевизии.

Од 65 национални, регионални и локални телевизии во Македонија, во Агенцијата се следат 40, односно 62 проценти од вкупниот број телевизии. – Тоа се 40 телевизии кои имаат најголем процент на гледаност и ако се оди од аспект на гледаност моментно директно следиме над 90 проценти, наведе Трајчевски.

Со новиот мониторинг, истакна, и националните и регионалните телевизии ќе имаат еднаков третман, бидејќи досега на постојан мониторинг беа само националните.

Се очекува реализацијата на проектот да го намали за 50 проценти бројот на надворешни соработници што ги ангажираше досега регулаторното теле за следење на медиумите во поглед на почитување на Изборниот законик. – Ако за парламентарните избори во 2011  година биле ангажирани 100 надворешни соработници, за локалните избори минатата година 84, оваа година планираме да ангажираме само 48 надворешни соработници, а бидејќи не постојат снимки односно ќе ги следиме телевизиите ќе имаме многу порелевантен мониторинг за тоа како се почитува изборниот законик од медиумите. Сето тоа ќе значи и сериозна финансиска заштеда затоа што повеќе од 50 проценти се намалува бројот на ангажирани надворешни соработници, рече Трајчевски.

Следна фаза од проектот е пренесување во Агенцијата и на локалните телевизии и сите оператори на јавни комуникациски мрежи. Тоа ќе се реализира преку ИПА проект и веќе се одобрени средства. Технички ќе биде овозможено со преселување на регулаторното тело во новата зграда наредната година.

Министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски очекува проектот за мониторинг на регионалните телевизии силно да ја зајакне професионалната слика на македонските медиуми и да овозможи доследно применување на програмските стандарди согласно законските начела.

– Етичките стандарди се битен сегмент во оваа сфера, па оттука телевизиските медиуми ќе бидат исправени пред предизвикот за почитување на преземените обврски да бидат професионални и да ги избегнат содржините кои наметнуваат стереотипи, предрасуди, поделби и нетолеранција. Во најмала рака, во прашање се принципите, вредностите, угледот и достоинството на професијата, оцени Ивановски.

Според него, примената на неодамна донесените медиумски закони и законот за електронски комуникации што треба да биде усвоен, ќе ги подобрат состојбите во информатичкото општество во Макеоднија и порастот на дигиталната економија. Според Бостон консалтинг груп, до 2016 година Е-БДП или дигиталната економија треба да изнесува 5,3 проценти во Г-20 земјите и до 12 проценти во поразвиените држави, посочи Ивановски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП