1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбјавен шестиот повик за изградба на 80 мали хидроцентрали

Објавен шестиот повик за изградба на 80 мали хидроцентрали

hidrocentrali

Владата во почетокот на месецов го објави шестиот јавен повик за доделување концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 80 мали хидроелектрични централи во Република Македонија.

Од нив, 48 локации се групирани во 16 групи што значи дека еден инвеститор ќе треба да гради од две до четири хидроцентрали, а 32 се поединечно понудени. Периодот на концесија е 23 години од кои три за изградба и 20 концесија за искористување на водата.

Право на учество на повикот имаат сите домашни и странски правни лица кои ќе ги исполнат бараните услови, а доколку се изградат сите предивени 80 мали хидроцентрали вкупната инвестиција се предвидува да изнесува 170 милиони евра, а нивната инсталирана моќ да биде 63 мегавати.

Како што информираше вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција во Владата, во шестиот повик заради зголемување на атрактивноста и процентот на реализација предвидена е промена на концептот за фидинг тарифи за малите хидроцентрали, а олеснет и поевтинет е и приклучокот на дистрибутивната мрежа.

„Со промената на концептот на фидинг тарифи се предлага модел со блок тарифа во зависност од инсталираната моќност на хидроелектричната централа. Централите ќе бидат групирани во неколку групи и може да се очекува кај помалите централи со моќност до 1,5 мегавати фидинг тарифата да се зголеми од 4 до 6 проценти, додека кај некои кои се над 2 мегавати можно е и нејзино намалување“, појасни Пешевски.

Тој додаде дека кај најголемиот број на хидроцентрали промената на концептот ќе значи зголемување на фидинг тарифата.

„Направени се измени и дополнувања на мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија на ЕВН Македонија, кои се одобрени од Регулаторната комисија за енергетика. Во нив е предвидена посебна глава за приклучок на малите централи во дистрибутивната мрежа, проблем со коиј често се соочуваа инвеститорите, а намален е и трошокот за приклучување на мрежата“, рече Пешевски.

Посочи дека инвеститорите често се среќавале и со проблеми во имотно-правните односи, но, како што рече, се уште се работи на тоа и нема ништо конкретно да се каже дека е направено.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми нагласи дека изградбата на малите хидроцентрали ќе значи подобрување на животната средина, намалување на климатските промени и зголемување на процентот на искористување на обновливите извори на енергија.

„Со измените во јавниот повик во 16 групи се групирани 48 локации за изградба на мали централи и тоа според водотеци, географска близина, можна приклучна точка и пристапен пат. Другите 32 локациии ќе бидат поединечно понудени. Во соработка со ИФЦ е подготвена тендерската документација, моделот на договорот и веб порталот за малите хидроелектрични централи кој е вграден во сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече Адеми.

Тој прецизира дека на сајтот може да се најдат сите неопходни информации.

Во досега објавените пет повици за изградба на мали хидроцентрали низ Македонија потпишани се 67 договори, а целосно се изградени 14 мали хидроелектрани. Останатите се во фаза на градба.

Светска банка во Македонија има евидентирано вкупно 400 локации на кои може да се градат мали хидроцентрали.

Вицепремиерот Пешевски вели дека обврска на Владата е да го објави она што земјата го има како потенцијал, а на инвеститорите останува да одлучат дали ќе ги градат малите хидроцентрали или не.

„Доколку сака Владата може да направи услови да се изградат сите 400 локации, како што е зголемување на фидинг тарифата за 20 до 30 проценти, но тоа ќе значи зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните. Токму затоа со разумни анализи се направени корекциите за шестиот јавен повик. Доколку не се покажат доволно атрактивни во иднина може да следат и други отстапки“, посочи Пешевски одговарајќи на прашање зошто досега нема голем интерес за градба на малите хидроцентрали.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП