3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗасилени инспекциски контроли за заштита на потрошувачите

Засилени инспекциски контроли за заштита на потрошувачите

saracini_valon211

Министерот за економија Ваљон Сарачини во наредниот период ќе иницира засилени инспекциски контроли за заштита на правата на потрошувачите, особено во делот на јавните услуги и малопродажбата, како и формирање нов Совет за заштита на потрошувачи.

Советот, како што истакна Сарачини на денешната работна средба со претседателот на Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ) Марјана Лончар – Велкова, ќе биде со нов проширен состав, во кој ќе бидат вклучени сите инволвирани страни.

На средбата, информираат од Кобинетот на Сарачини, се расправаше за имплементацијата на Законот за заштита на потрошувачите и проблемите со кои се среќаваат потрошувачите, а беа земени во предвид податоците од извештајот на Народниот правобранител, како и статистиката на ОПМ и Државниот пазарен инспекторат.

Според тие податоци, најголемиот број на претставки, барања за совети и забелешки поднесени од потрошувачите се однесуваат на електронските и телекомуникациските услуги, поточно за фиксната и мобилна телефонија, кабелска телевизија и интернет услугите. Потоа следат претставките за топлинска енергија, електрична енергија и комунални услуги, додека во делот на малопродажбата поплаките најчесто се однесуваат на гаранциите на производите и сервисирање, декларација, несоодветно означување на попустите и неквалитетен производ.

Во извештајот на Народниот правобранител се посочува дека потрошувачките права се на второ место како критична област за која граѓаните побарале заштита, а според податоците на ОПМ во 2013 година од страна на потрошувачите стигнале дури 2.621 претставка, од кои најголем број се однесуваат во доменот на општоправните советувања во делот на јавните услуги.

Извештајот, пак, на Државниот инспекторат за пазарна инспекција покажува дека во текот на минатата година се извршени 2.734 редовни, 337 контролни и 105 вонредни инспекциски надзори по Законот за заштита на потрошувачи, при што за утврдени неправилности поднесени се 34 барања за поведување на прекршочна постапка до надлежни основни судови и 64 барања до прекршочната комисија. Донесени се 53 решенија во управна постапка.

На состанокот се дискутираше и за улогата на институциите вклучени во системот на заштита на потрошувачи кои делуваат не само согласно Законот за заштита на потрошувачи, но и врз основа на другите закони, улогата на Советот на заштита на потрошувачите, улогата на НВО секторот и други субјекти вклучени во заштитата на потрошувачите, се со цел да се согледа нивната меѓусебна комуникација и зајкнување на системот на заштита на потрошувачите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП