3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНабавени асистивни уреди за компјутери во 31 училиште и 10 интернет клубови

Набавени асистивни уреди за компјутери во 31 училиште и 10 интернет клубови

kompjuteri ivanovski

Во 31 основно училиште и 10 поголеми интернет клубови во државата ќе бидат инсталирани асистивни уреди за работа со компјутери, наменети за лица со посебни потреби и повозрасни.

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) набави екрани на допир, посебни тастатури, џојстици и глувчиња кои треба да го олеснат пристапот до информатичките технологии.

Првиот пакет асистивни уреди, поставен во интернет клубот на улица „Македонија“ во Општина Центар, денеска беше презентиран во присуство на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и претставници на невладината организација „Отворете ги прозорците“.

За опремата, набавена во декември минатата година, МИОА издвои милион и 200 илјади денари, а дополнителни 400 илјади денари вложија УСАИД и „Отворете ги прозорците“.

Целта, според Ивановски, е вклучување на лицата со посебни потреби кон можностите на информатичката технологија.

„Како институција имаме посебно поглавје за електронско вклучување со кој опфаќаме поголем број граѓани од повозрасните и од лицата со посебни потреби. Набавивме нови 41 монитори на допир, кои ќе бидат инсталирани во внимателно одбрани 31 училиште и 10 поголеми интернет клубови, потоа 80 специјални тастатури, глувчиња и друга апаратура потребна за работа со компјутер. Во наредниот период ќе ги опремиме клубовите, а невладината организација „Отворете ги прозорците„ како наш партнер во проектот ќе направи обука на вработените“, изјави министерот Иво Ивановски.

Асистивните технологии се однесуваат на помошни уреди кои ги користат лицата со посебни потреби при работа со компјутери, како што се тастатури со големи копчиња, џоистици, издвоени кликови итн. Тоа треба да има позитивно влијание за подобрување на нивниот образовен процес, како и подобрување на капацитетите за својот личен развој.

„Компјутерите и опремата што ја претставуваме денеска ќе биде набргу инсталирана во сите 31 училиште и останатите интернет клубови, со што ќе можат да ги користат граѓаните, а се надеваме дека ќе можеме да обезбедиме и дополнителни средства во 2014 година за да ги прошириме и во останатите школи и интернет клубови“, наведе Ивановски.

Владимир Лазоски, претставник на НВО „Отворете ги прозорците“ информира дека во 31 основно училиште има 300 потенцијални корисници на опремата.

„Ќе спроведеме обука за вработените во сите интернет клубови за да им помогнеме да ги прилагодат услугите на индивидуалните барања на корисниците. Во обуките ќе вклучиме претставници од граѓанските организации и на лицата со попреченост и на возрасните лица, кои ќе ги мотивираат и охрабруваат да ги користат можностите во интернет клубовите. Во училиштата во соработка со МОН обуките за наставниците и стручните тимови се веќе завршени и се опфатени околу 400 наставници“, изјави Лазовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП