8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМЗШВ: Динамиката за откупот на тутун се интензивира

МЗШВ: Динамиката за откупот на тутун се интензивира

tutun1

Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се во постојана комуникација и договор со индивидуалните производители на тутун, легитимните Здруженија на тутунопроизводителите и откупните претпријатија и ги преземаат сите неопходни мерки за нормално спроведување на откупот на тутун.

Ова се наведува во реакцијата на МЗШВ по повод денешниот протест на земјоделците од струмичкиот регион.

„Динамиката за откупот на тутун се интензивира. Компаниите се задолжени идниот месец да вршат интензивен откуп, и за време на викендите, со загарантирана минимална количина по вага, не по пункт. Со ова сакаме да влееме сигурност кај производителите, дека навистина внимаваме на нив“, стои во соопштението од МЗШВ.

Од МЗШВ потсетуваат дека средбите со менаџерите и директорите на откупните компании се одржуваат редовно, на неделно ниво, понекогаш и почесто.

„Оваа Влада, веќе пет години наназад исплаќа по 60 денари за килограм произведен и предаден тутун. Од 15 декември, кога почна редовниот откуп, преземени се 17.850 милиони килограми ориентален ситнолистен тутун, што е 58 отсто од вкупниот род. Останува за откуп уште помалку од половина од реколтата. Просечната откупна цена е 154 денари за килограм“, се вели во соопштението од МЗШВ.

Од ресорното Mинистерство информираат дека ги следат состојбите и бараат од откупните претпријатија Законот за тутун да се почитува во целост.

„Секој тутунар, што смета дека е оштетен при проценката треба да се обрати до Инспекторатот за земјоделство за да се направи повторна проценка од страна на Второстепената комисија. Посветеноста на Владата кон тутунарите, се гледа во прецизните правила за откуп дефинирани во Законот, како и во поддршката од 60 денари за килограм. Годинава ќе бидат исплатени 30 милиони евра субвенции за тутунот“, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Контролите од Државниот инспекторат продолжуваат, информира МЗШВ, а на терен се сите 45 инспектори. Досега за прекршување на законските прописи се изречени 10 казни во вкупна вредност од 150.000 евра.

„Во Македонија има сериозен закон, мошне прецизен, со кој се регулираат тутнот и неговите преработки. Законот мора да се почитува со цел заштита и финансиска сигурност на тутунопроизводителите-кооперанти кои треба да ја добијат соодветната цена за родот во утврдениот рок по предавањето“, стои во соопштението од МЗШВ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП