19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈасен меѓу 10-те најдобри ловишта во светот

Јасен меѓу 10-те најдобри ловишта во светот

jasen-rezervat113

Ловиштето Јасен е атрактивна и позната дестинација за ловџиите од САД и Русија, а последните години и за љубителите на ловот од Европа, истакна денеска на прес-конференција на директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје Јасен, Михаил Малаков.

„Моментално државните ловишта во Македонија се лидери на Балканот. Веќе три години зад нас се Грција, Бугарија, Србија, Хрватска…. Ловот во Јасен се спроведува исклучиво врз основ на годишни договори со лиценцирани тур-оператори од светот. Во договорите се дадени ловни пакети за определени видови на дивеч и термини кога ловот ќе може да се реализира“, истакна Малаков.

Појасни дека со склучување на договорот на ловецот му се обезбедени таксите за влез во државата, формалностите околу ловното оружје, транспортот до ловниот дом и назад, сместување како и животно осигурување кое секој посетител на Јасен автоматски го добива.

„Тур-опараторите генерално се од Америка, Русија, но има и од Бугарија, Србија, Канада, како и од Нов Зеланд. Во последно време имаме и од Турција, а на наше големо задоволство е и тоа што ни се враќаат ловците од Шпанија и Италија кои поради економската криза во Европа ги имаше помалку“, рече Малахов.

Најпосакуван дивеч за ловење кај ловците е балканската коза која е и заштитен знак на Јасен. Како што појасни директорот, најмалата трофејна вредност што се плаќа во Јасен е 400 евра за отстрел на дива свиња, а нејзин максимум е околу 6.500 евра во зависност од трофејната вредност. Цената за козата е од 2.500 до 4.000 евра, а за еленот од 1.500 до 17.000 евра.

„За да ги имаме сите овие квалитети на ловиштето имаме репро-центри каде што под стручен надзор и мониторинг се одгледуваат чисти генетски линии на автохтон македонски дивеч“, истакна Малахов.

Од 2011 година Јасен е член на Интернационалниот совет за заштита на дивиот свет и дивеч „CIC Wildlife“ под уставното име Република Македонија со право на три гласа во Советот.

„Членството е огромен успех за Македонија на меѓународно ниво, а веќе во 2013 ни беше доделена организација на 14. Форум на CIC што се одржи во Скопје“, рече Малахов.

Јасен годишно го посетуваат вкупно 12.000 до 15.000 гости. Минатата година преку тур-оператори ловеле 340 ловци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП