8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтаврески: 5.000 работни места од новите инвестиции во Кавадарци

Ставрески: 5.000 работни места од новите инвестиции во Кавадарци

stavreski-krediti

Околу 5 илјади работни места носат во Кавадарци две крупни странски инвестиции, фабриките „Дрекслмаер“ и „Кофикаб“. Досега се реализирани речиси 3 илјади работни места во првата од нив. Ова синоќа го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на партиската трибина во Кавадарци.

Тој информира дека странските инвестиции во Република Македонија со десетици илјади вработувања се резултат на заложбите на македонската Влада за привлекување на инвеститори од странство.

„Таквите инвестиции ги има во сите региони од државата“, рече Ставрески. Додаде дека во програмата, во оваа фаза, се предвидени разговори со уште 10-15 инвеститори.

Ставрески потсети дека оваа Влада во изминатите неколку години реализираше бројни проекти во сите сфери на живеење, а се со единствена цел да се подобри животот на граѓаните. Нагласи дека Македонија остави зад себе уште една успешна година за разлика од многу други земји кои се бореа со рецесија. Укажа на добрата поставеност на главните економски политики и партнерскиот однос, како со компаниите, работодавачите и синдикатите, така и со земјоделците.

Тој се осврна на мерките на Владата кои, како што рече, му помогнаа на стопанството полесно да се справи со кризата.

„Единствено во земјава не беа зголемени даноците во изминатите неколку години кои и понатаму остануваат најниски во Европа“, рече Ставрески.

Тој потсети на предвидените инвестиции финансирани од републичкиот буџет за оваа година. Спомена дека 140 милиони евра се наменети за македонските земјоделци и додаде оти продолжува силната поддршка во земјоделството.

„Тоа покажува дека станува збор за Влада која никогаш нема да ги напушти земјоделците и нема да штеди на земјоделците. Ќе се штеди на друго, таму каде што може и треба, но не и во земјоделството“, потенцира Ставрески.

Зборувајќи за се она што е направено во образованието, Ставрески најави дека е планирано со учебната 2014/2015 година да се изврши корекција и усогласување на учебниците што се користат од прво до петто одделение со содржини кои се користат во Велика Британија, како  земја со еден од најнапредните образовни процеси.

Тој рече дека соработката со локалната власт во Кавадарци е одлична и оти се настојува да се решаваат и приоритетни прашања од локалниот економски рзвој, како што е решавањето на проблемот со водоснабдувањето во овој град. Договорена е изградба на нова детска градинка во Кавадарци, за што веќе се обезбедени и 420 илјади евра.

На трибината се обратија и неколку министри. Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека здравството е една од областите на кои Владата има ставено посебен фокус.

„Станува збор за витален сегмент кој е значаен за квалитетот на живот во една држава, а кој пред да дојде оваа Влада беше неоправдано запуштен. Наследивме руинирани болници и стара и амортизирана опрема, недостаток од лекови и медицински помагала, систем во распаѓање. Затоа реализиравме многу проекти“, подвлече Тодоров.

Тој потенцира дека 1.227 населени места немаат доктор, а порано имале, одлучено е да се спроведе проект со кој ќе се вработат стотина медицински тимови кои ќе бидат распоредени во тие места. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека од 2006 година наваму борбата против корупцијата и криминалот е постојана. Таа меѓу другото се осврна и на превентивното делување на полицијата.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски потсети на мерките за унапредување на земјоделството и позитивните ефекти од нив.

Потсети дека од 2006 година до сега поддршката за земјоделците се зголеми од 20 на 140  милиони евра.

Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов му се заблагодари на премиерот и на Владата за решавањето на проблемот со водоснабдувањето во Кавадарци. Тој се осврна на сите проекти кои општината ги имаше и ќе ги има со поддршка на Владата.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП