Грчкиот премиер Андонис Самарас побара од рускиот претседател Владимир Путин намалувањето на цената на рускиот природен гас за Грција, јави БТА.
На вчерашната средба во Брисел во рамки на Советот Европска унија-Русија, Самарас и Путин разговарале за прашања од сферата на енергетиката, како и за процесот на приватизација во Грција.
Самарас ги истакнал напорите, кои Грција ги презема за излез од кризата, напоменувајќи дека во таа насока ниските цени на енергенсите од Русија се особено важни за растот на грчката економија.
Тој го споменал и интересот, кој Русија го покажува во однос на приватизацијата, што се спроведува во Грција, особено за грчките железници и пристаништа, а најмногу за пристаништето во Солун.
Путин го потенцирал значењето на туризмот за Грција, нагласувајќи дека минатата година земјата била посетена од 1,2 милиони руски туристи. Тој додал дека трговската размена меѓу Русија и Грција забележала раст од 16 проценти.