Министрите за финансии на 18 земји членки на еврозоната ја повикаа Грција да вложи повеќе напори со цел да ги исполни планираните реформи и целите на приватизацијата.
Холандскиот министер Јерон Дајселблум пред состанокот во Брисел изјави дека во решавањето на клучните прашања за грчката криза е направен многу мал напредок.
Неговиот германски колега Волфганг Шојбле оцени дека се потребни дополнителни напори, а австрискиот министер Михаел Шпинделегер изјави дека постои загриженост во врска со структурните реформи и програмата за приватизација.
Преговорите на Грција и меѓународните кредитори – ММФ и европските партнери, доцнат веќе неколку месеци поради несогласувањето околу мерките за штедење и реформите. Следниот дел од финансиската помош ќе биде исплатен по постигнувањето на договор со кредиторите.