18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата презентираше три мерки за вработување на над 250 лица

Владата презентираше три мерки за вработување на над 250 лица

aleksandar-gjorgjiev portparol

Владата на 3-ти февруари ќе објави огласи за три од повеќето предвидени мерки од оперативниот план за вработување, со кој годинава се отвораат 4.000 работни места.

Државата ќе субвенционира вработување млади лица, обука и полагање за Д категорија, како и обука кај познат работодавач, а се очекува отворање на најмалку 250 работни места во стопанството. За нив ќе може да конкурираат само невработени лица, евидентирани во Агенцијата за вработување.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска на прес-конференција апелира невработените, доколку не се пријавени во Агенцијата за вработување, да го направат тоа и да станат дел од евиденцијата за да можат да ги користат мерките.

Две од трите мерки се пилот проекти. Првата мерка е наречена „Прва шанса“, а е наменета за лица до 29 години со завршено високо образование. Доколку вработат лица со високо образование во студиска 2012/2013 година државата во период од три месеци ќе ги субвенционира за исплата на плата со по 13.000 денари месечно за секое ангажирано лице.

Обврска на работодавачот е да ги задржи на работа уште шест месеци.

„Финансиската стимулација во првите три месеци е само поттикнување и на работникот и на работодавачот да дојдат во контакт за работодавачот да се увери во квалитетот на работникот со високо образование, а работникот да има можност да се претстави во најдобро светло“, рече Ѓорѓиев, истакнувајќи дека со оваа пилот мерка во првичниот оглас се очекува пријавување и сервисирање вработувања на 50-ина лица, а зависно од интересот Владата е подготвена да ја прошири квотата за финансирање.

Со втората пилот-мерка, државата целосно ќе ги покрие трошоците за обука за Д категорија и добивање возачка дозвола. Консултаците со здруженијата на транспортери покажале дека на пазарот на труд има потреба за вработување лица кои имаат возачка од Д категорија.

„Кандидатите треба да покажат знаење и од прва да положат за возачка од Д категорија, по што во рок од три месеци ќе бидат вработени кај работодавачи, за што веќе имаме начелна согласност од здруженијата на транспортери“, појасни портпаролот на Владата.

Со мерката „Обука кај познат работодавач“ приоритет ќе имаат млади лица до 29 години, како и лица на возраст од 50 до 59 години. Сите лица кои ќе бидат прифатени од работодавач за да им се врши обука во период од три месеци ќе добиваат по 5.700 денари од државата. По тие три месеци, работодавачот ќе има обврска да задржи во редовен работен однос најмалку 50 проценти од вкупниот број лица кои ги обучувал. Лицата што ќе ги задржи на работа во првите три месеци ќе добиваат по 13.000 денари од државата, наменети за исплата на плата, но работодавачот ќе биде обврзан да ги задржи на работа уште 12 месеци.

Портпаролот Ѓорѓиев истакна дека за сите мерки се обезбедени пари од Буџетот на РМ и оти Владата очекува што поголем одѕив од невработените.

„За мерката обука кај познат работодавач со субвенционирање на работодавачот се одвоени околу 10 милиони денари, за мерката „Права шанса“, односно субвенционирање вработување млади лица над милион денари, а за обуката за стекнување работни вештини, односно полагање за возачки дозвола од Д категорија милион и 200 илјади денари“, информира Ѓорѓиев.

Тој најави дека доколку има интерес останува можноста и во идниот период да бидат објавени дополнителни јавни повици и за денеска презентираните мерки и вид заостанатите предвидени со оперативниот план со активни мерки за вработување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП