3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФилмска музика од целиот свет се снима во Македонија

Филмска музика од целиот свет се снима во Македонија

fejm-nasl

Македонскиот симфониски оркестар „Фејмс“ ја сними музиката за гинисовиот огномет во Дубаи

Повеќе од 7 години филмска музика за престижни филмски проекти се снима во Македонија. Над 120 талентирани македонски музичари се дел од „Фејмс“ симфонискиот оркестар, зад кој стои француската продукциска компанија позната како „Маседониан мјузик & ентертејнмент“ (Macedonian music & entertainment). Сместени во просториите на Македонското радио и телевизија под раководство на господинот Лорен Копитс и неговата сопруга госпоѓата Насју-Мопа, кои се воедно и директори на компанијата, реализирани се фантастични музички проекти за композитори и продуценти од целиот свет.

Овогодишниот огномет во Дубаи по повод новогодишната свеченост беше најголемиот огномет досега направен во историјата, а симфониското дело кое беше специјално напишано за овој настан е снимено од страна на Македонскиот симфониски оркестар познат како „Фејмс“. Компзиторот на ова несекојдневно музичко дело е Мет Феди, а аранжманот на македонскиот музички уметник Емин Џијан. По повод огнометот во Дубаи, беше снимен и кус филм кој ја раскажува приказната за подготовките за оваа новогодишна свеченост, а во кој, на самиот почеток, се прикажани и македонски музичари. Аудио и видео материјалот кој за само неколку секунди го обиколи целиот свет.

fejm3

Симфонискиот оркестар „Фејмс“ на македонските музичари им овозможува ретка можност од дома да бидат дел од врвни светски филмски проекти, да го покажат својот потенцијал и воедно да ја промовираат Македонија во светот на уметноста.

Благодарејќи на соработката меѓу Маседониан мјузик & ентертејнмент“ и Македонската радио телевизија Студиото М1, каде е и сместена оваа продукциска компанија, е повторно ревитализирано и опремено со најсовремена аудио техника која на МРТВ и стои на располагање. Или поточно МРТВ е првиот корисник на оваа инвестиција имајќи предвид дека 2/3 од вкупниот работен распоред на ова студио им припаќа токму ним. Голем број на реномирани македонски уметници имаа можност бесплатно да ги користат придобивките од ова модерно опремено студиото како што е снимањето на музиката за македонските филмови: „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, потоа музиката на Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Дуке Бојаџиев, Тони Китановски, Ана и Олег Кондратенко и многу други.

fejm4

Тука се и голем број на успешно снимени музички проетки за голем број на холивудски филмови како на пример „Хемингвеј и Гелхорн“ во кој главните улоги ги толкуваат Никол Кидман и Клајв Овен, потоа документарниот филм за промоција на Италија, во режија на познатиот Франко Зафирели, во кој глумат познати актери, како што е култната Моника Белучи и многу други. Во годинава која следува во план е снимање на музиката за отворањето на Дизниленд во Шангај, како и новиот музички постхумен албум на легендарниот Џорџ Харисон (Битлси).

Главниот фокус на оваа компанија е да привлече интернационални музички проекти од целиот свет, па како резултат на нивната неколкугодишна работа во Скопје досега соработувале на повеќе од 500 проекти со голем број престижни комапнии како: Дизни, ХБО (HBO), Ворнер Броз (Warner Bros), Парамаунт (Paramount), ЕМИ мјузик (EMI Music), Канал + (Canal+), Сони Пикчерс (Sony Pictures), Катинг еџ мјузик (Cutting Edge Music) и многу други.

fejm2

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП