27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочна изградбата на патиштата Дељадровци - „Свети Ѓорѓија“ и Кадино - Миладиновци

Почна изградбата на патиштата Дељадровци – „Свети Ѓорѓија“ и Кадино – Миладиновци

patista ilinden

Општина Илинден денеска почна со реализација на двата инфраструктурни проекта од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој кои предвидуваат рехабилитација на локалните патишта Дељадровци – Манастирски комплекс „Свети Ѓорѓија“ и Кадино – Миладиновци.

За изградба на патот Дељадровци – „Свети Ѓорѓија“ во должина од 700 метри и широчина пет метри се обезбедени 4,5 милиони денари, а за Кадино – Миладиновци во должина од 2,7 километри, вкупно 16,5 милиони денари.

„Ова е вистински пример како еден граданочалник води грижа за развој на својата општина, но воедно и за тоа дека централната и локалната власт, заедно, можат многу повеќе да направат за поквалитетен живот на граѓаните“, изјави заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски.

Сите жители, потенцира Коњановски, имаат еднакво право да живеат во уредени средини. Затоа, секоја година се одвојуваат финансиски средства за инфраструктурни проекти.

„Годинава, од вкупната поддршка за земјоделците која изнесува 140 милиони евра, 2,45 милијарди денари се наменети за рурален развој, за жителите на помалите рурални средини да имаат квалитетен живот. Лани, преку програмата за рурален развој, општина Илинден аплицираше за неколку проекти во вкупна вредност од 21,7 милиони денари. Сите беа одобрени, а денеска почнува реализацијата на првите два“, посочи заменик министерот.

Целта е, подвлече градоначалникот Жика Стојановски, брз и одржлив локален економски развој, поодбрување на условите за живеење и стандардот на граѓаните.

„Првиот проект е особено битен за регионалниот и руралниот развој на општината, за жителите од населените места. Во рамки на вториот целосно ќе биде асфалтиран патот кој ги поврзува сите 12 населени места во општината и претставува нејзина артерија“, рече Стојановски.

Градоначалникот најави реализација и на трет проект, за изработка на урбанистички планови кои ќе овозможат, нагласи, простор за нови инвестиции, површини за подобро живеење и легализација на куќите.

Според директорот на Платежната агенција, Тони Димовски, со секој ваков проект каде Владата е инвеститор, ќе се унапреди руралната средина.

Преку Програмата за рурален развој ќе бидат реализирани 134 проекти во 70 општини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП