Седумдесет македонски фармери од денеска до сабота ќе го посетат земјоделскиот саем во Истанбул, Турција. Организатори се Федерацијата на фармерите на Република Македонија и ТУЈАП ФЕРС.
Во рамки на саемската манифестација, како што информира Федерацијата на фармерите на Република Македонија, опфатени се два саема, 8. Меѓународен саем за земјоделство и нивна механизација-AGRO EURASIA FAIR 2014 и 4. Меѓународен саем за сточарство и нивна опрема, живинарство и млечна индустрија EURASIA STOCK BREEDING 2014.
На саемот ќе биде презентирана земјоделска механизација и технологија, пластеници, производство на зеленчук, стакленици и нивна технологија за изградба, резервни делови за трактори, опрема за лозарство, опрема за берење на маслинки, систем за наводнување, земјоделски лекови, семе и саден материјал, цвеќарство, еколошко земјоделство, агро информатика, млеко и млечни производи, пестициди, вештачки ѓубрива и хранливи материи за растенија, пчеларство, сточарство, превентивна медицина за животни, технологија за молзење и живинарство.