26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСакате солидна плата - ИКТ, банкар, правник и пилот

Сакате солидна плата – ИКТ, банкар, правник и пилот

banker

Вработувањата во телекомуникацискиот, правниот, банкарскиот и воздухопловниот сектор се најпрофитабилни во државата.

Статистиката покажува дека изминатата година во овие сектори се исплатени највисоките плати, додека кожарската и текстилната индустрија остануваат најниско платени.

Последните податоци со кои располага Државниот завод за статистика покажуваат дека висината на личниот приход во октомври во секторот правни и сметководствени дејности достигнал 41.476 денари што е за 20.229 денари повеќе од просечно исплатената плата во Македонија.

Над просекот се и платите исплатени во телекомуникацискиот сектор со 38.951 денари, воздухопловниот сектор со 38.701 денар и финансиските и услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови со 37.720 денари.

Врз висината на платата големо влијание има степенот на образование на што укажува и фактот дека лицата со завршено високо и вишо образование се значително подобро позиционирани на пазарот на трудот, отколку оние со основно и средно образование.

Така, најголем дел од невработените или 114.350 лица се со средно образование, додека драстично помалку односно 41.509 лица со завршено високо образование се без работа.

Кога станува збор за половата структура може да се констатира дека мажите се подобро платени отколку жените.

Тие земаат поголема плата гледано и од аспект на возраста и од аспект на образованието. Доминантноста на машката популација во однос на женската се согледува дури и во поглед на вработеноста така што ако се анализира третото тримесечје минатата година може да се забележи дека 60,5 проценти од вкупното активно машко население се вработени за разлика од 39,5 проценти од женското активно население.

За вработување најпривлечен е главниот град кој нуди повеќе опции за работната сила, а и работните места се највисоко платени во државата.

Така, според последно објавените статистички податоци, Скопскиот регион значително предничи пред Полошкиот, Југозападниот и Североисточкиот регион, а најмалку платени се работниците вработени во компаниите во Источниот и Вардарскиот регион.

Сепак, кога се говори за платите во регионите и разликата меѓу нив, треба да се има предвид дека потрошувачката кошничка во главниот град е значително поголема, отколку во помалите места во државата.

Во споредба со земјите од регионот, Македонците заедно со Албанците и Србите имаат најниски плати, а подобро платени се Хрватите.

По нив следуваат граѓаните на Црна Гора и Босна и Херцеговина. Од земјите во светот, највисока плата имаат жителите на Швајцарија, а по нив следуваат Норвешка, Луксембург, Австралија, Катар, Данска, САД,  ведска, Јапонија и Финска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП