26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСобранието го донесе Законот за изградба на гасоводната делница Клечовце - Блок...

Собранието го донесе Законот за изградба на гасоводната делница Клечовце – Блок станица 5

sobranie558

Собранието на Република Македонија денеска, во рамки на 82 седница, го донесе Законот за реализација на инфраструктурниот проект за изградба на магистрален гасовод, делница Клечовце – Блок станица 5, во близина на Штип, по скратена постапка, со цел да почне проектот гасоводен систем во Република Македонија.

Заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини рече дека проектот е врз основа на водените преговори помеѓу овластените претставници од Република Македонија и Руската Федерација во врска со спроведување на меѓувладината спогодба, а по доставувањето на конечната понуда од страна на изведувачот ОАД Стројтрансгас од Москва.

– Изградбата на гасоводната делница ќе опфати изведување градежни, машински, електроработи и катодна заштита на линиски дел од магистралниот гасовод со должина од 60,7 км, во чиј состав се седум блок станици и отпремна чистачка станица по должина на трасата, како и други работи кои ќе бидат предмет на регулирање со договор, за вкупна сума од 75.700.303 американски долари, што претставува регулирана сума согласно меѓувладината спогодба. Гасоводната делница ќе се гради по принципот „клуч во рака“, рече Џеладини.

За пратениците од СДСМ е нејасно зошто со парите од затворањето на клириншкиот долг проектот ќе се рализира само до Штип, а планот бил гасоводот да стигне до Кавадарци. Јани Макрадули праша колку македонските граѓани ќе треба да платат, зашто законот предвидува на руската компанија да и се исплаќаат сите оперативни трошоци до пуштањето на гасоводот, како на пример консултант или плати за дополнително ангажирани лица.

– Обврска на РМ се 15 милиони долари, од каде ќе се платат и дали е тоа конечната цена што треба да се плати, рече Макрадули. Неговиот сопартиец Марјанчо Николов додаде дека во буџетот нема планирано пари за гасификација колку што опфаќа планот од договорот. – Не знаеме колку пари од македоскиот буџет ќе се даваат на странска компанија која потоа ќе стопанисува со гасоводот, рече Николов.

Пратениците денеска ги усвоија и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за експропријација, Законот за вршење сметководствени работи, Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Законот за јавните набавки и за дополнувањата на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, сите во прво читање, за кои расправата беше исцрпена на вчерашното продолжение на седницата.

Осумдесет и втората седница на Парламентот ќе продолжи во 15 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП