Најголемата светска пивара „AB InBev“ ќе ја купи јужнокорејската пивара „Oriental Brewery“ од инвестицискиот фонд „KKR“ и „Affinity Equity Partners“ за 5,8 милијарди долари (4,3 милијарди евра).
Со тоа „Oriental“, лидер на јужнокорејскиот пазар за пивo, повторно ќе дојде под раководство на „AB InBev“, откако беше продаден во 2009 година, во рамките на напорите за намалување на долговите настанати со спојување на „AB InBev“ и американската пивара „Anheuser-Busch“, пренесува агенцијата Франс прес.
„Се радуваме на инвестирањето во Јужна Кореја и повторната соработка со тимот на „Oriental“, која ќе ја засили нашата позиција во растечкиот азиско-пацифички регион“, изјави извршниот директор на „AB InBev“ Карлос Брито.
„AB InBev“ минатата година го комплетираше спојувањето со мексиканската пивара „Grupo Modelo“, со што пивото „Corona“ се најде во неговото портфолио, кое ги вклучува иконите на оваа индустрија како што се „Budweiser“, „Stella Artois“ и „Becks“. „AB InBev“ сега контролира пет од шесте највредни брендови на пиво во светот.