10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтопанска комора: Преку учество во европски конзорциуми до повеќе пари од ЕУ

Стопанска комора: Преку учество во европски конзорциуми до повеќе пари од ЕУ

stopanskakom668777777

– Домашните компании да го сменат пристапот за повлекување што повеќе средства од ЕУ фондовите преку учество во европски конзорциуми и истражувачки центри, сугерира Стопанската комора на Македонија.

Со тоа, ќе партиципираат во реализирање конкретни проекти, но ќе имаат и можност, резултатите од проектите, евентуалните иновации и истражувања, да ги применат за сопствено развивање и зголемување на конкурентноста.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Комората, Европската комисија веќе ги објави двете клучни програми за следните седум години, „Косме“, вредна 2,3 милијарди евра чија цел е поттикнување на иновативноста, конкутрентноста и одржливоста на малите и средните претпријатија, како и развивање на претприемачката култура, и „Хоризонт 20 – 20“ со проектирани вкупно 80 милијарди евра за поврзување на науката со индустријата, финансирање истражувања, технолошки развој, примена,…

Бирократските процедури се значително поедноставени што им овозможува на претпријатијата да се приклучуваат на конзорциуми и да реализираат одредени свои приоритети.

– Се претпоставува дека најмалку три милијарди евра ќе се алоцираат за малите и средните фирми во рамки на овие програми кои ќе бидат дополнително поддржани и со финансиски инструменти како кредитни линии, гарантни фондови,… Предизвикот за аплицирање, пред се, ќе се бара во конкретно научно истражување, подобрување на индустриската конкурентност, создавање подобри производи, примена на ИКТ, енергетиката, нанотехнологиите, создавањето нови материјали, биотехнологиите,…, истакна Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.

Проектите на компаниите треба да покажат иновативност. Тоа е, нагласи, клучно. Оттука, мора најпрво добро да размислат во кој правец ќе се развиваат. Проектите на институциите, пак, треба да содржат нови иновативни услуги за поддршка на МСП.

– Македонските компании и институции треба да се борат со европските за добивање на проектите што значи дека мора да го задоволат одреденото ниво на квалитет, порача Аризанковска.

Повиците за ЕУ програмите ќе се објавуваат континуирано, по повеќе во една година.

Притоа, постои можност за аплицирање на повеќе проекти.

Во дел од програмите објавувањето е веќе почнато.

Од комплетната финансиска конструкција на „Косме“, 1,4 милијарди евра се предвидени за обезбедување свеж капитал. Останатите средства се за развивање мрежа на претпријатија (добивање навремени информации и интернационализација) и поттикнување на претприемништвото.

„Хоризонт 20 – 20“ со 24,4 милијарди евра ќе поддржува врвна наука, 29,7 милијарди предвидува за општествени предизвици (интелигентна енергија, еко иновации, одржливо земјоделство,…), а 17 милијарди евра се наменети за т.н. индустриско лидерство.

За малите и средните фирми лимитот на бројот вработени е зголемен, од 250 на 500, што овозможува на повиците да конкурираат и поголемите компании.

Аризанковска објасни дека новите програми се практично продолжение на досегашните ФП7 (за интелигентна енергија и екоиновации) и ЦИП (за конкурентност и иновативност).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП