„COO“ (Chief Operating Officer) или „директорот за операции“ на компанијата „Yahoo“, Енрике де Кастро неочекувано ја напушти својата функција по само една година работење, соопшти директорката на компанијата Мариса Мајер.
Де Кастро дојде во „Yahoo“ во октомври 2012-та година и тоа од позицијата на еден од главните оперативци во „Google“. Во моментот на доаѓањето на новата работа, тој беше првото големо засилување кое новиот „CEO“ на „Yahoo“, Мариса Мајер го доведе од поранешната компанија. Неговата главна задача беше да надгледува се што е поврзано со продажбата и да ги развива односите со главните огласувачи.
Во „Yahoo“ доаѓањето на Де Кастро го сметаа за толку важно, така што во текот на својата прва година на новата работа, тој врз основа на компензација добил повеќе пари од Мајер – 39 милиони долари во однос на 36.6 милиони кои ги зема Мајер.
Веќе со месеци можеше да се слушнат гласините дека вакво нешто се подготвува. Експертите сметаа дека Де Кастро е под голем притисок да го подобри „Yahoo“ во смисла на атрактивноста на огласувањето и често пати поради тоа влегувал во конфликт со Мајер.
Во краткото соопштение, Мариса Мајер го напишала следново:
„Размислував и на крајот донесов тешка одлука нашиот досегашен „COO“, Енрике де Кастро да ја напушти компанијата. Го ценам неговиот доприност во „Yahoo“ и му посакувам се најдобро во иднина“.