20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ:Економијата во Македонија ќе го продолжи растот од третиот квартал

НБРМ:Економијата во Македонија ќе го продолжи растот од третиот квартал

narodna-banka

Македонската економија ќе продолжи да расте со сличен интензитет како и во третиот квартал. Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ оваа оценка је темели врз поволните движења во градежништвото, како и врз сигналите за закрепнување на индустриската активност. Според Комитетот оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.

Во соопштението од редовната седница на Комитетот се наведува дека податоците за инфлацијата за 2013-та година покажуваат просечна годишна инфлација од 2,8 отсто што се совпаѓа со проекциите, но постојат надолни ризици околу проекцијата на инфлацијата за следниот период имајќи предвид дека во последните месеци инфлациските притисоци беа послаби од очекувањата и при можност за натамошни помали увозни ценовни притисоци од претходно оценетите.

Податоците за девизните резерви за последното тримесечје укажуваат на нивно квартално намалување, што е очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања, но показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуалните, непредвидени шокови. Последниот месец во годината, на девизниот пазар беа забележани сезонски движења, што овозможи Народната банка да оствари нето-откуп на девизи.

На домашните финансиски пазари, во декември ликвидноста на банките се намалилa под влијание на автономните фактори, во услови на сезонски повисока побарувачка за готовина во пресрет на празничната сезона. На меѓубанкарскиот пазар на депозити, прометот беше на стабилно ниво, при што високата застапеност на трансакциите на седум дена укажува на цврстата доверба помеѓу учесниците на пазарот.

Според првичните податоци за кредитните текови, во декември дојде до понатамошно забрзување на месечниот раст на кредитите, при што како и во претходниот месец кредитната активност во голема мера беше насочена кон корпоративниот сектор. Ваквата динамика на кредитната активност е подобра од очекуваната и упатува на можно стабилизирање на согледувањата за ризик на банките, како и на ефекти од досегашното монетарно олабавување.

Сепак, потребно е време за да се оцени одржливоста на овие поволни трендови на кредитниот пазар, во услови на се уште присутни ризици.

Декемвриските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, што и натаму засилено се зголемува на месечно ниво.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски и пазарни показатели и во очекување на ефектите од веќе преземените мерки во претходниот период, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика е одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со каматна стапка од 3,25 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП