2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСарачини: Наскоро регистрација на компании само по електронски пат

Сарачини: Наскоро регистрација на компании само по електронски пат

sarachini996

Во Македонија наскоро ќе може да се регистрира нова фирма само по електронски пат преку регистрациски агент и без надомест, а хартиеното поднесување на пријави и барања за регистрирање фирма ќе оди во историјата.

Тоа ќе го овозможат измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва што Министерството за економија во наредните денови ќе ги достави во владина процедура.

– Со измените, покрај регистрирање фирма само по електронски пат се предвидува и целосно укинување од употреба на официјалниот печат, како и лицата кои ги немаат платено придонесите, даноците и царинските давачи или должат по основ на други давачки или на некој начин се на „црната листа и досега го изиграле законот“ да не можат да купат удели во фирма или да пренесат удели во друга фирма, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по редовната работна посета на Централниот регистар и разговорот со директорот Ванчо Костадиновски.

Тој нагласи дека во соработка со Централниот регистар во измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва се предвидуваат и две нови електронски апликации од кои првата е за електронско бирање на стечајни управници, а вториот софтвер е за електронска продажба на стечајна маса.

– Очекуваме дека ова дополнително ќе придонесе за подобрување на бизнис климата во Република Македонија, рече Сарачини.

Директорот на Централниот регистар рече дека целта на денешната посета на министерот Сарачини е да се запознае како се одвиваат тековните реформи, какви се резултатите од воведувањето на новите мерки во 2013 година и какви мерки ќе се воведат на почетокот на 2014 година.

– Предлог измените и доплнувањата на Законот за трговски друштва во насока на целосно укинување на хартиеното поднесување пријави за регистрација на нови фирми се базира на успешните мерки што ги спроведуваме во 2013 година и на резултатите кои ги даваат тие, рече Костадиновски.

Нагласи дека се зголемува бројот на регистрациски агенти, односно овластени сметководители кои имаат добиено уверение од Министерството за финансии за електронско регистрирање фирми.

– До сега обуката ја имаат поминато колу 500 регистрациски агенти, а од нив околу 130 имаат добиено овластување и веќе претставуваат електронски регистрациски канцеларии на Централниот регистар каде сите граѓани можат да поднесат барање. Ефектот од тоа е што услугата станува подостапна за граѓаните од цела Македонија и тие без никаков трошок можат да започнат бизнис, рече Костадиновски.

Според податоците на Централниот регистар во Македонија има регистирано околу 103.000 фирми од кои активни се 70 до 80 илјади. За 37.000 фирми во процедура е проверката дали во последните три и повеќе години имале активности или не.

Во 2013 година во Македонија се регистрирани 6.500 нови фирми од кои 300 по електронски пат преку регистрациски агент и без надомест. Лани по нормална процедура од регистарот се избришани 3.750 компании, а 6.100 фирми кои немале активност повеќе од три години биле пријавени за да се избришат.

Наскоро Централниот регистар ќе ја објави и листата на фирмите кои во 2013 година се наоѓале на листата на Агенцијата за блокирани сметки и оние кои не ги исполниле законските одредби да ја мигрираат својата сметка и не се усогласиле со Законот за трговски друштва, а долго време се водат на регистарот што го има Управата за јавни проходи. Нивната бројка, како што кажа Костадиновски, е околу 3.500.

Централниот регистар на Република Македонија во последните години направи многу за олеснување на процедурите за почнување бизнис во земјава. За тоа Светска банка го рангира како прва најуспешна институција во Европа и шеста во светот.

Централниот регистар на неколку пати досега го намалуваше и потребниот период за бришење на фирма по нормална постапка и сега е сведен на 22 дена. Пред три години рокот изнесуваше 45, а претходно 60 дена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП