4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААдминистративците ќе ги оценуваат и синдикални претставници

Административците ќе ги оценуваат и синдикални претставници

drzavni1156

Синдикални претставници ќе учествуваат во формирањето оценка на вработените опфатени со законите за администрација и за јавниот сектор, како и во дисциплинската постапка, а се намалува процентот во оценката за вработените од раководителот. Тоа е договорено денеска во преговорите за законите за администрација и за вработените во јавниот сектор помеѓу министерот за информатичко општество и администрација и раководствата на Конфедерацијата на слободни синдикати и Сојузот на синдикатите на Македонија.

– Во однос на оценката за вработените се намалува влијанието на раководителот од 75 проценти на 65 проценти, со што Синдикатот и комисијата што ќе оценува ќе влијаат со 35 проценти. Таму каде нема синдикат останува опцијата петтиот член во комисијата да биде од редот на вработените, изјави по средбата со синдикалните претставници министерот Ивановски.

Претставниците на ССМ и КСС од своја страна оценија дека преговорите за законите се успешни затоа што биле прифатени нивните најкрупни забелешки. Сметаат дека со предложените закони и склучените нивни забелешки процесот на вработување на вработените во администрацијата ќе биде транспарентен и ќе се зголеми ефикасноста во работењето на овој сектор.

Ивановски истакна дека со постигнатиот договор за учество на синдикални претставници во оценувањето и во дисциплинската постапка им се дава можност на синдикалните здруженија да работат уште повеќе и да бидат посилни.

Договорен е и начинот на кој ќе се врши наградувањето за вработените кои ќе добијат оценка петка како најкреативни и најзаслужни. Ним ќе им биде исплатена една плата, а со претходниот предлог беше утврдено да им се исплати до една плата.

– За 5 проценти од најниско оценетите во градацијата што ја направивме дополнителните отстапки се за оние кои незадоволуваат или делумно задоволуваат казната ако претходно беше со 30 проценти до една година, сега се намалува на износ до 20 проценти за шест месеци, рече Ивановски.

Виолетка Спасовска, вршител на должноста претседател на КСС истакна дека е постигната согласност за деловите од законите за кои имало најголеми реакции и стравувања од членството.

– Во делот на оценувањето се воведуваат пообјективни критериуми со оглед дека во постапката ќе бидат вклучени и самите вработени, односно ќе се оценуваат меѓу себе, изјави Спасовска, посочувајќи дека е прифатен и нивниот предлог за вклучување синдикален претставник во седумчлената комисија.

Според Живко Митровски, претседател на ССМ, преговорите за нивните забелешки се успешни затоа што најголемиот дел од укажаното е прифатено, а колективното договарање било ставено на највисоко ниво.

– Со прифаќањето на забелешките во делот на оценувањето постапката да биде транспарентна со учество на претставници од Синдикатот и на вработените и со намалувањето на процентот при оценката кој го даваше раководителот, како и со учеството на Синдикатот и во дисциплинската постапка, можеме да зборуваме за транспарентен процес без субјективни моменти, оцени Митровски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП