Работниците од Источна Европа, особено романските и бугарските, се добивка за економијата на другите земји во Европската унија, соопшти Европската комисија истакнувајќи дека стравувањата од масовното доаѓање е неоснована.
„Работниците од Источна Европа доаѓаат како дополнителна сила на локалните работници и немаат намера да им ја преземат работата на работниците во земјата која ги примила“, нагласи комесарот за социјални работи, Ласло Андор.
Андор го презентираше новиот практичен водич на Европската комисија за конкретното применување на прописите на ЕУ во доменот на социјалната безбедност.
Од 1-ви јануари Романците и Бугарите можат слободно да работат во сите земји на ЕУ. Рестрикциите кои беа на сила во девет земји на ЕУ, меѓу кои и Германија, Велика Британија и Франција, се укинати со овој датум, седум години по влезот на Букурешт и Софија во ЕУ, што понекогаш предизвикува страв од масовното доаѓање на работниците од овие земји а тоа е неоправдано, смета Европската комисија.