5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе продлабочува соработката со странските инвеститори

Се продлабочува соработката со странските инвеститори

investitori1

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот денеска поштишаа. Меморандум за соработка чија цел е подобрување на бизнис климата во Македонија.

На настанот беше претставен и новиот претседател на Советот на странски инвеститори Хуан Педро Хименез Наваро, извршен директор на Арчелор Митал.

– Потпишувањето на Меморандумот за соработка со Агенцијата за странски инвестиции е важен чекор за нас. Се надеваме дека ќе ја подобри комуникацијата со владините институции и нашата координација при изведување на заеднички активности насочени кон заедничка соработка во развивањето на деловниот сектор, рече Наваро.

Тој посочи дека има намера да ги продолжи напорите на претходното претседателство за да се заврши „Белата книга“, која ќе содржи информации за гледиштата на компаниите за битните прашања за нив, и да биде презентирана до крајот на годинава.

Генералниот менаџер на Џонсон Мети и потпретседател на на Советот на странски инвеститори, Џатин Такрар во одговор на новинарско прашање нагласи дека странските инвеститори во Македонија бараат да се скратат одредени административни постапки и да се намали бирократскиот товар што го чувствуваат.

– Има потреба од реформа во некои области, многу процедури треба да се подобрат, но сепак ние сме среќни што сме тука. Затоа работиме во Работните групи чија цел е да се подобри деловната клима во Македонија и да се посочат местата каде имаме предизвици за да се надминат, посочи Такрар.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот Висар Фида рече дека успехот на странските инвеститори во Македонија е и успех на Агенцијата.

– Затоа во Агенцијата е формиран посебен Сектор за грижа за интересите на инвеститорите. Неговата цел е да им даде поддршка на инвеститорите секаде каде што име е потребна и да посредува во сите неоходни процедури, рече Фида, нагласувајќи дека ќе се смета за успешен ако помогне постојните странски инвеститори да реинвестираат во Македонија.

До 20 јануари најави дека ќе се објави уште една странска инвестиција во Македонија, а до крајот на март барем пет од вкупно најавените шест нови инвестиции.

Во одговор на прашање посочи дека економските промотори си ја вршат работата согласно законот, а Кампањата „Инвестирајте во Македонија“ има одличен резултат.

– Ние бевме малку познати во светот како бизнис дестинација, но со кампањата стануваме се повидливи во бизнис светот, рече Фида.

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во моментов брои над 100 члена и има за цел да креира здрава бизнис клима во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП