1 јули, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОБранителот на титулата пресилен за Македонија

Бранителот на титулата пресилен за Македонија

rakomet den-mkd

На својот премиерен настап на 11-то Европско првенство во ракомет, македонската репрезентација вчера загуби од домаќинот и актуелен европски шампион Данска со 29:21.

Проблемите со повредени играчи и заморот од 15-часовното патешествие до Хернинг оставија белег во играта на нашите ракометари кои направија 16 технички грешки и имаа многу слаба реализација со играч повеќе. Фаворизираниот противник ги казнуваше грешките на Македонците и на најдобар начин го искористи домашниот терен и поддршката од 15 илјади навивачи да стигне до првите бодови во А групата.

Македонија лошо започна, а првиот гол го постигна во 9.минута кога намали на 5:1, за неколку минути подоцна негативата да биде уште поголема кога Данците водеа со 9:2. На половина од првиот дел следуваше најдобриот период за избраниците на Ивица Обрван кои со серија од 4:0 намалија на 9:6 и пропуштија неколку напади резултатски уште повеќе да се приближат. На паузата се отиде со плус 4 за домаќинот – 12:8.

Во почетните минути од вториот дел македонските ракометари намалија на три разлика и тука застанаа. Данска засили, во средината на второто полувреме ја врати позитивата од 7 голови (19:12) и оваа разлика ја одржуваше се до пред крајот за да заврши со плус 8. Најефикасен во нашата репрезентација беше капитенот Кирил Лазаров со 7 голови, Никола Стојчевски постигна 3. На голот Борко Ристовски забележа 14 одбрани, од кои и сите три седмерци. Кај Данците Каспер Мортенсен имаше 5 реализации.

На првиот дуел од А групата Австрија убедливо ја совлада Чешка со 30:20.

Табела: Австрија 2 бодови, Данска 2, Македонија 0, Чешка 0.

Средбите од 2.коло од оваа група ќе се играат во вторник, Македонија за противник ќе ја има

Чешка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар