1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИвановски: Законите во насока на поефикасна администрација

Ивановски: Законите во насока на поефикасна администрација

ivo-ivanov

Законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор се во насока на создавање поефикасна администрација. Со нив нема да се изврши урамнотежување на платите во јавниот сектор, а синдикатот ќе биде активно вклучен во утврдувањето на платата.

Ова беше истакнато на денешната заедничка прес-конференција на Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

– Со овие закони платите не се урамнуваат. Со нив се формира каталог на работни места. Можеби тука е и заблудата што дел од јавноста шпекулира дека ќе има урамнување на платите. Во каталогот на работни места има стандардизирање на работните места во јавниот сектор и тој ќе биде основа за сите идни креирања на работните места во која било институција која ќе биде опфатена со законите, појасни министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Со двата закона, кои се работени по примерот на европските земји, се очекува државата да добие ефикасна администрација која ќе биде во служба на граѓаните.

– Се надеваме дека по нивното стапување во сила во период од една година вработените во јавната администрација ќе бидат поефикасни и побрзо ќе ги даваат услугите кон граѓаните. Очекуваме дека со двата закона дополнително ќе се заштитат правата на вработените во администрацијата. Во секој момент ќе се знае колкава е бројката на вработените во администрацијата и има објективен начин како да се наградува оној којшто работи, а како да се санкционира оној кој не работи со цел да се стимулираат што е можно поефикасно да ја извршуваат својата обврска, истакна Ивановски.

Од синдикатот се задоволни од двата закона во кои, како што оценија, се регулирани значајни прашања за вработените во јавниот сектор како правото на платите и надоместоците за плата.

– Имаме и предлог забелешки кои се поврзани со поразработената постапка околу оценувањето и казнувањето. Преговорите околу ваквите забелешки ќе продолжат со МИОА со цел да утврдиме предлози на закони кои ќе бидат во функција, подвлече претседателот на ССМ, Живко Митревски.

Преговорите меѓу Владата и синдикатот ќе продолжат и понатаму во насока на подобрување на предлог-законските текстови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП