26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо 2014 година ќе се троши повеќе енергија

Во 2014 година ќе се троши повеќе енергија

elektrichna555

Македонија годинава ќе потроши за 4,4 отсто повеќе енергија отколку лани. Пораст на потрошувачката се предвидува кај сите видови енергија и енергенти при што најголем пораст се очекува кај природниот гас за 38,8 отсто и геотермалната енергија за 17,5 отсто, а за останатите видови порастот е помал од 5 отсто.

Тоа го предвидува Енергетскиот биланс за периодот 2014-2018, согласно кој финалната потрошувачка на енергија во Македонија во 2014 година ќе изнесува 76.565 тераџули или за 2,3 отсто повеќе во однос на 2013, додека примарната потрошувачка на енергија ќе биде 118.945 тераџули, односно за 2,6 отсто повеќе од лани.

Од вкупните потреби за енергија 57,5 отсто ќе се обезбедат од домашни извори, а 42,5 отсто од увоз. Се очекува да има континуирано и безбедно снабдување на потрошувачите со сите видови на енергија.

Согласно Законот за енергетика, со енергетскиот биланс за период од пет години, како индикативен плански документ, се определуваат вкупните потреби од енергија и потребите од одделните видови на енергија, како и можностите за нивното задоволување од домашно производство и од увоз. Документот е необврзувачки за учесниците во енергетскиот сектор.

Македонија ќе троши повеќе електрична енергија

Планираните потреби на електрична енергија во 2014 година изнесуваат 8.646 гигават часови, што е за 4,8 отсто повеќе во однос на 2013 година.

Производството на електрична енергија се очекува да биде на ниво 6.980 гигават-часови што е пак за 17,3 отсто поголемо во однос на оствареното во 2013 година. Зголемувањето пред се е поради најавеното зголемено производство на АД ТЕ-ТО Скопје, како и на други производители на електрична енергија кои имаат статус на повластени производители.

Термоцентралите на лигнит треба да произведат 4.578 гигават-часови или 65 проценти од вкупното производство на електрична енергија во државата, а дури 80 отсто од потрошувачката на електрична енергија треба да се обезбеди од домашното производство.

Енергетскиот биланс предвидува до 2018 година просечното годишно производство на електрична енергија да расте со 4,9 отсто, пред се заради очекуваното производство на малите хидроелектрични централи со планирано производство од 260 гиват-часови, како и планираното производство од 100 гигават-часови на ветерниот парк „Богданци“.

Годинава помал увоз на струја од лани

Увозот на електрична енергија во 2014 година се планира да изнесува 1.666 гигават-часови и да биде за 27,5 отсто помал во однос на 2013 година заради најавеното производство на ТЕ-ТО Скопје од 871 гигават-час за 2014. Лани овој капацитет произведе 554 гигават-часови електрична енергија.

Загубите на електрична енергија се планира да изнесуваат 1.284 гигават-часови и да бидат поголеми во однос на загубите во 2013 година за 9 отсто. До 2018 година вкупните загуби на електрична енергија се очекува годишно да се намалуваат за 2,7 проценти.

Зголемена потрошувачка на гас и нафтени деривати

Годинава се планира потрошувачката на природен гас да изнесува 328 милиони нормални метри кубни, што е за 75 отсто повеќе во однос на лани. Тоа се должи на најавената потреба од природен гас на ТЕ-ТО и зголемувањето на дистрибутивните потрошувачи во Куманово и Струмица, како и на останатите потрошувачи во Скопје.

До 2018 година вкупната потрошувачка на природен гас се предвидува да расте со просечна годишна стапка од 13,9 отсто.

Потрошувачката на нафта и нафтени деривати во 2014 година се очекува да биде на нивото на 2012 година или за 2,6 отсто повеќе во однос на 2013 година, додека потрошувачката на биогорива се очекува значително да порасне во однос на 2013 година и да расте во секоја од наредните четири години.

Планираните потреби за јаглен и лигнит од 2014 година се на ниво од 7,3 милиони тони и се за 7,7 отсто поголеми во однос на реализацијата на 2013 година, пред се поради зголемените потреби во индустриските топлани.

До 2018 година потребите од јаглен и лигнит се очекува просечно да растат за 2,8 отсто годишно.

Потрошувачката на струја ќе зависи од работата на големите капацитети, а увозот од работата на ТЕ-ТО

Потрошувачката на електрична енергија во 2014 година ќе зависи од моментот на преземањето на големите потрошувачи.

– Граѓанството е поприлично стабилно во потрошувачката на електричната енергија со мал раст, додека 20 отсто од потрошувачката е само во три компании – Југохром, Фени и Макстил.

Практично нивната економска активност во голема мерка ќе влијае врз генералната потрошувачка на електрична енергија во Македонија, вели Кочо Анѓушев, претседателот на Македонската енергетска асоцијација.

Увозот на електрична енергија, нагласува, во многу ќе зависи од работењето на ТЕ-ТО.

– Нивното производство во голема мерка ќе зависи од односот на цените на електричната енергија, гасот и топлинската енергија. Доколку односот на цените биде таков да има економска оправданост да роботи ТЕ-ТО увозот ќе биде помал од лани, во спротивно непроизведените киловат часови во гасната електрана ќе мора да бидат супституирани од увоз, прецизира Анѓушев.

Металуршките комбинати се значителен потрошувач на електрична енергија во Македонија, а само Фени и Југохром трошат околу 200 мегавати. Затоа потрошувачката на електрична енергија во значителна мерка зависи од нивното работење или неработење кое, пак, зависи од цената на металите на берзите и енергијата.

Дополнителен проблем е што до април 2014 година големите потрошувачи мора да задоволат некои еколошки критериуми и доколку не го направат тоа ќе бидат затворени и со тоа ќе се намали потрошувачката на енергија.

Енергетските компании не очекуваат поголеми проблеми во снабдувањето со енергија

ЕЛЕМ планира да произведе 5.800 гигават-часови електрична енергија во 2014 година. Од нив околу 4.700 ќе бидат произведени од термоелектраните, а околу 1.100 од хидропотенцијалот. Од средината на годината во функција ќе биде ставен и ветерниот парк „Богданци“.

Од МЕПСО велат дека енергетскиот систем ќе биде стабилен и бараат од компаниите да доставуваат што попрецизни податоци за енергетскиот биланс бидејќи од тоа зависат плановите на Македонскиот електро-преносен систем оператор.

ОД ЕВН посочуваат дека во 2014 година очекуваат за 1,3 отсто поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на претходната година и намалување на загубите во дистрибутивната мрежа.

Дури 80 отсто од вкупните потреби за енергија ќе ги набават од ЕЛЕМ, 17 отсто од увоз, 2 отсто од малите хидроелектрани и 1 отсто од малите хидроелектрани кои имаат статус на повластен производител.

Во 2013, посочуваат од ЕВН, се бележи опаѓање на конзумот за 3 проценти што претежно се должи на поволните временски прилики. Тоа пред се се однесува за домаќинствата.

Загубите во дистрибутивната мрежа во 2013 се помали за 104 гигават-часови во однос на 2012 и изнесуваат 16,4 проценти.

Металуршките комбинати со зголемена потрошувачка на струја

Големите потрошувачи Југохром и Макстил најавуваат зголемена потрошувачка на електрична енергија.

Југохром лани потрошил 613 гигават-часови електрична енергија, а за 2014 година најавува 700, додека Макстил најавува зголемена потрошувачка за 50 отсто во однос на 2013 година.

Од Југохром веќе имаат обезбедено енергија за првиот квартал од годинава и не очекуваат поголеми проблеми околу пласманот на нивните производи и цената на електричната енергија. Макстил, пак, најавува дека во 2014 ќе користи околу 85 до 90 отсто од капацитетите.

Во 2013 искористеноста на капацитетите на Макстил изнесувала од 60 до 70 отсто.

ОКТА не произведува нафтени деривати

Од рафинеријата ОКТА велат дека повеќе не произведуваат нафтени деривати, бидејќи тоа во моментов е економски неисплатливо и ценат дека увозот им носи поголем профит. Во колку се создадат поволни услови и доколку се оцени, велат од ОКТА, рафинеријата може повторно да се вклучи со производство.

Нафтени деривати слободно увезуваат и сите останати учесници на пазарот.

Во 2013 година помала потрошувачка на енергија од планираната

Финалната потрошувачка на енергија во 2013 година е пониска за 7,2 отсто во однос на 2012 година, и за 8,6 проценти во однос на планот за 2013 година, при што кај сите видови енергија и енергенти има намалување, освен кај природниот гас, каде се забележува зголемување на реализацијата во однос на планот за 2013 година и тоа за 3,4 отсто.

Најголемо учество во финалната потрошувачка на енергија има електричната енергија околу 40 отсто, нафтените деривати околу 40 проценти и останатите 20 отсто се другите облици од енергија.

Потрошувачката на примарна енергија во 2013 година изнесува 115.931 тераџули што е за 6,9 отсто пониска од реализираната потрошувачка во 2012 година, при што во обезбедување на потребите од примарна енергија домашните извори учествуваат со 55,9 отсто, додека останатиот дел од 44,1 отсто се обезбедуваат од увоз.

Потрошувачката на електрична енергија во 2013 година изнесува 8.246 гигават часови што е за 6,3 отсто помала од реализираната потрошувачка во 2012 година.

Производството на електрична енергија во 2013 година изнесува 5.950 гигават часови што е за 7,4 отсто помало од производството во 2012 година пред се поради помалото производство во термоелектраните на лигнит и ТЕ-ТО Скопје. АД ТЕ-ТО во 2013 година имаше предвидено да произведе 871 гигават часови, а има реализирано производство од 554 гигават часови.

Нето увозот на електрична енергија во 2013 година изнесува 2.296 гигават часови и е помал за 6,9 отсто од нето увозот во 2012 година пред се поради намалената потрошувачка на енергија.

Потрошувачката на електрична енергија во 2013 година е за 8,7 отсто помала од планираната, производството е помало за 13,9, а увозот е поголем за 8,3 отсто од планираниот.

Вкупните загуби на електрична енергија во 2013 година изнесуваа 1.179 гигават часови и се за 10,5 отсто помали во однос на загубите во 2012 година. Загубите во електродистрибутивните системи се помали за 7,9 отсто во однос на 2012 година.

Потрошувачката на природен гас во 2013 година изнесува 187,4 милиони нормални метри кубни што е поголемо за 36,5 отсто од потрошувачката во 2012 година, односно за 39,5 отсто помала од планираните потреби за 2013 година, пред се поради нереализираните најави на потрошувачка на природен гас на АД ТЕ-ТО Скопје.

Потрошувачката на нафтени деривати во 2013 година е за 2,6 отсто помала од потрошувачката во 2012 година. Помала потрошувачка од 2,3 отсто во однос на 2012 година има и кај јагленот и лигнитот.

Учеството на обновливите извори на енергија во финалната потрошувачка на енергија во 2012 година изнесувало 14 отсто, додека во 2013 година е зголемено и изнесува 17,2 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП