5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто ја чека светската економија во 2014 година?

Што ја чека светската економија во 2014 година?

svetskaekonomija5669

Проблемите на американската, кинеската и европската економија и понатаму допринесуваат економистите внимателно да гледаат во иднина…

Податоците навестуваат дека некои од неизвесностите кои го следеа поголемиот дел од 2013 година, судејќи по се, би можеле да исчезнат, со почетокот на оваа година. Меѓутоа, економистите се внимателни. И покрај постојаното закрепнување, невработеноста во САД и понатaму е на високо ниво, европската должничка криза е далеку од крајот, а кинеската економија продолжува да забавува.

На крајот од 2013 година, се повеќе луѓе во САД пронашле работа, економијата растела по највисока стапка во последните две години, а Конгресот усвои нов буџет, со кој се отфрла можноста повторно да се дојде до многу скапо затворање на владата.

Под услов да нема нови политички препукувања, претставникот на групата која се бори за правата на малите претпријатија Џон Еренсмаер верува во подобрување на деловната клима во 2014 година.

„Би можела да биде подобра од 2013 година, пред се ако нема глупости како што беше затворањето на владата“

На другата страна од Пацификот, кинеската економија забавува, после деценија на огромна експанзија. Меѓутоа, дури и со релативно скромни очекувања за раст од седум проценти, Кина продолжува да претставува многу голема влијателна сила во регионот, вели меѓународниот економист Ури Дадуш.

„Ќе биде до некаде побавна во наредните две години, но и така е доволно силна да повлече со себе голем број на земји“.

Меѓутоа, додека зголемување на побарувачката прилично сигурно ќе им донесе корист на земјите од Камбоџа до Јапонија, европските економии остануваат слаби. Европската комисија наведува дека растот ќе забави во 18 земји кои како валута го користат еврото, и дека невработеноста во новата година веројатно ќе порасне.

И покрај неодамнешните реформи во областа на банкарството, Дадуш смета дека острите мерки за штедење во земјите кои примиле пакети помош ќе продолжат да ја оптоваруваат европската економија.

„Италија е во големи проблеми, а ќе бидат потребни неколку години дури и Шпанците, Португалците и Ирците да се извлечат од хаосот“.

Останува прашањето за тоа какво влијание на меѓународната економија ќе има одлуката на американската централна банка да ја намали стимулацијата на најголемата светска економија. Со оглед на тоа дека оваа година се очекува и пад на цените на сировините и земјоделските производи, економистите велат дека земјите чии економии зависат од нивниот извоз би можеле да имаат помали приходи.

„Тука е пред се Бразил, но и Индија, Турција, Унгарија, можеби и Индонезија, која исто така е зависна од сировините и земјоделските производи“, вели Ури Дадуш.

На Блискиот исток, се очекува некои од земјите од „Арапската пролет“, кои и понатаму политички се нестабилни, да се соочат со економски тешкотии во 2014 година.

Пингаф Хонг, шефот за следење на глобалните економии во Обединетите Нации, вели:

„Без оглед на тоа, веруваме дека некои подобрувања ќе послужат како импулс за следната година. Поради тоа, очекуваме светската економија да порасне за околу три проценти во 2014 година“.

Претстојната година би требало да биде добра за Африка. После годишната стапка на раст од 4,8 проценти во 2013 година, Африканската развојна банка предвидува дека растот ќе достигне до 5,3 проценти, поттикнат од силниот развој на услужниот сектор и зголемувањето на активностите во областа на рударството и земјоделството.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП