6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува поддршката во земјоделството, најмногу за извозно ориентираните производи

Продолжува поддршката во земјоделството, најмногу за извозно ориентираните производи

zemjodelstvo15699

Вкупно 140 милиони евра се предвидени годинава за поддршка на земјоделството. Најголем дел, 115 милиони евра, ќе бидат распределени како директни плаќања за остварување поголем приход на земјоделските стопанства.

Како што велат во ресорното Министерство, 60 проценти од средствата се насочени конконкурентните, извозно ориентирани земјоделски производи, тутун, зеленчук, овошје, грозје, вино, ориз, за овчарството и козарството, органското производство, пчеларството, како и за воведување стандарди за квалитет. Остатокот е наменет за поддршка на производството на помалку конкурентните, но сепак многу значајни основни прехранбени производи, житните култури, кравјото млеко и поголемиот број индустриски производи.

– Поддршката на секторот продолжува. Најголемо зголемување ќе има кај мерките за рурален развој кое треба да изнесува нешто над 25 милиони евра. Покрај за веќе добро познатите и популарни мерки на покривање половина од трошоците за инвестиции за набавка и обновување на земјоделска механизација и опрема, овие средства приоритетно ќе бидат насочени кон поддршка на инвестициите во руралната инфраструктура, во прв план подобрување и проширување на наводнувањето, истакнуваат во МЗШВ.

Поддршка на инвестициите во земјоделството ќе биде обезбедена и преку ИПАРД програмата, во која оваа година значително се подобрени условите за аплицирање што веќе овозможува многу поголема апсорбција на средствата во однос на изминатиот период.

Со цел побрза исплата на субвенциите што вообичаено се реализира во законски пропишаниот рок, крајот на јуни секоја наредна година, Министерството за 2014 година воведува одредени промени во начинот на аплицирање.

– За растително производство земјоделците треба да ги ажурираат своите капацитети во подрачните единици најдоцна до 15 март 2014 година. Сите промени настанати од последното поднесување на барањата треба да ги внесат во Единствениот регистер на земјоделски стопанства најкасно до овој датум. Врз основа на пресекот на овој ден ќе биде можно после тоа да се поднесуваат барањата, велат во МЗШВ.

Се прават напори и за воведување систем на исплата по мерки во дефинирани временски периоди кога средствата им се најпотребни на земјоделците. – Ова сега е возможно бидејќи во изминатиот период успешно се воведоа сите предвидени системи за администрирање и контрола на плаќањата, потенцираат во Министерството.

Според надлежните, ефектите од субвенционирањето се најевидентни кај извозно- ориентирани конкурентни производи со компаративна предност за кои постои побарувачка на надворешните пазари, а кои и сега го формираат јадрото на македонскиот земјоделско- прехранбен извоз.

– Ароматичниот тутун моментно има најголем нето-извозен потенцијал од земјоделските култури со учество од 30 отсто во вредноста на вкупниот извоз. Во делот на лозарството и винарство преку поддршката, имаме постојан тренд на подигање нови лозови насади или обнова на старите и се поголем извоз на квалитетно македонско вино на нови пазари надвор од традиционалните ЕУ и државите од поранешна Југославија. Пониските трошоци за производство кои произлегуваат од расположливоста на пасиштата, евтината работна сила и традицијата на производство, го вбројуваат македонско јагнешко месо, овчо и козјо млеко и млечни производи како подсектори со голем и засега делумно искористен развоен потенцијал, посочуваат во Министерството.

Над 70 отсто од вкупното производство на македонскиот свеж зеленчук, особено раноградинарски производи поради ценовната предност, но и преработките од зеленчук, завршуваат на надворешните пазари. Од ова се остварува нето девизен прилив од околу 30 милиони евра од свеж зеленчук и уште околу 50 милиони евра од преработен зеленчук. Како резултат на поволните климатско-географски услови во преовладувачките ридско-планински делови на земјата, овошјето има значителни компаративни предности и постојан тренд на пораст во последниве години.

Министерството за земјоделство очекува и оваа година да се задржи трендот на зголемено производство. Храната останува стратегиски производ. Една од клучните препораки и натаму е да се подобри неповолната структура на малите стопанства кои се доминантни, преку нивно здружување во кооперативи и окрупнување на земјиштето.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП