19 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Од 1 јануари 2014 година во Србија ќе стапи во сила нов закон за пензионирање, чии промени за сега се однесуваат само на жените. Со измените старосната граница за одење во пензија на жените се поместува за четири месеци, што значи дека Србинките ќе можат да одат во пензија со 35 години и осум месеци стаж и најмалку 53 години и осум месеци старост. За мажите и натаму важи законот за одење во пензија со 40 години стаж и најмалку 54 години и четири месеци старост.

Белград – БДП во Србија во 2013 година искажан во цените од минатата година, реално е поголем за 2,4 отсто, соопшти српскиот Републички завод за статистика. Најголем раст има во земјоделието, шумарството и рибарството, снабдувањето со електрична енергија, гас и пареа и во преработувачката индустрија. Пад е забележан во градежништвото, услужните дејности, трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила. Обемот на индустриското производство во 2013 година беше за 6,3 отсто поголем од претходната година. За тој раст најмногу придонесе секторот за снабдување со електрична енергија, гас и пареа.

Подгорица – Основната плата на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ изнесува 940 евра, додека како претседател на Советот за приватизација, месечно прима дополнителни 300 евра. Како што наведуваат подгоричките медиуми, за платата и другите надоместоци на премиерот Ѓукановиќ и министрите во 2013 година, судејќи според висината на примањата пријавени во Комисијата за спречување на судирот на интереси, вкупно се потрошени 248.280 евра. Од таа сума за платите на членовите на Владата на Црна Гора се исплатени 214.708 евра, а 38.571 евро за надомести на име членство во работни групи и совети.

Подгорица – Вицегувернерот на Централната банка на Црна Гора, Никола Фабрис оцени дека клучен предизвик за Подгорица во следната година ќе биде спречување на растот на јавниот долг. Тој рече дека тенденцијата на растот на долгот загрижува, дека Црна Гора се уште не влегла во зона која би можела да се смета за критична, но дека не е далеку од неа. – Во 2013 година имаше одредени позитивни тенденции, но тие мора да се одржат и подобрат идните години, бидејќи не постои преголем простор за понатамошно безбедно задолжување, наведе Фабрис.

Берлин – Кризата во Еврозоната се уште целосно не е надмината, но инфлацијата е на ниско ниво, а состојбата на пазарот станува посмирена, изјави првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги. Во интервју за германскиот неделен весник Шпигл, тој рече дека и натаму мора да работи во услови на не секогаш оправдани критики упатени на адреса на ЕЦБ. – Кога ЕЦБ пред една година на европските банки обезбеди дополнителна ликвидност, имаше приговори дека сега ќе почне сериозна инфлација. Меѓутоа ништо не се случи, рече Драги.

Пекинг – Околу 3,3 милиони хектари обработливо земјиште во Кина е премногу загадено со метали и друг отпад за да се користи во производство на храна. Вкупната површина на обработливо земјиште во Кина изнесува околу 136,4 милиони хектари. Податоците ги објави кинескиот заменик-министер за земјиште и ресурси Ванг Шијуан, но не прецизираше дали тие податоци потекнуваат од истражувањето за загаденоста на земјиштето направено во февруари оваа година.

Пекинг – „Епл“ успеа да склучи договор со Кина и така широко ја отвори вратата за влез на пазар од 760 милиони луѓе, јави Дојче веле. Од 17 јануари „Чајна мобајл“ најголем провајдер на мобилната телефонија на светот, во својата понуда ќе има и Ајфон. По повеќегодишните преговори „Епл“ направи огромна зделка која значително ќе му го зголеми профитот. Детали од договорот не се познати, но експертите сметаат дека се работи за милијарди за американскиот концерн. „Чајна мобајл“ има 760 милиони клиенти и со тоа е најголем понудувач на услуги за мобилна телефонија на светот.

Њијорк – „Амазон“ во неделата пред на Божик според Грегоријанскиот календар, преку својата веб страна продаваше дури 426 производи во секунда. Во текот на првиот понеделник по американскиот Ден на благодарноста, „Амазон“ забележа продажба од 36,8 милиони различни производи, што е раст во однос на истиот ден минатата година, кога продаде 26,5 милиони производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП