26 април, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Брисел – Европската комисија се уште го испитува договорот за „Јужен поток“ што Австрија го потпиша со Русија, но првична оценка е дека вонего има важни разлики во однос на случајот со Бугарија, изјави Сабина Бергер, портпаролка на европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер. – Австрија потпиша комерцијален договор кој во секој случај мора да биде во согласност со законите на ЕУ, додаде Бергер. ЕУ минатиот месец на Бугарија и порача да ја прекине изградбата на гасоводот.

Лондон – Бавното и болно зајакнување на грчката економија по катастрофалната должничка криза наметнува интересно прашање. Која земја сега ја презема титулата за најнеспособна сиромашна европска земја на која и треба помош од другите земји од ЕУ? Одговорот дефинитивно е Хрватска, пишува „Фајнаншел Тајмс“. – Хрватска е мала земја која лани влезе во Европската унија, а не е ни дел од еврозоната. Има прекрасни острови и плажи каде животот на прв поглед е пријатен. Поради тоа, Хрватска и нејзините економски проблеми често остануваат незабележани, оценува весникот.

Белград – Има заинтересирани компании околу продажбата на српкиот „Телеком“, но далеку од тоа дека сега постои сериозен купувач, изјави срспкиот министер за телекомуникации Расим Љајиќ. Според него, на „Телекомот“ му треба приватизација или стратешки партнер, бидејќи не може да ја издржи конкуренцијата на двата оператори кои имаат повеќе средства да инвестираат во развојот. – Со приватизацијата сепак не треба да се брза и тендерот мора добро да се подготви, бидејќи уште еден неуспешен тендер би ја намалил цената на „Телекомот“, заклучи Љајиќ при гостувањето на телевизијата Б92.

Загреб – Првата хрватска нискобуџетна авиокомпанија „Далмацијан“ пропадна и пред да полета. Компанијата требаше со авиони „Ербас А320“ да го поврзе Загреб со 12 европски дестинации за цена на карти од 30 евра па нагоре. Сепак, продажбата на картите беше прекината, а компанијата „Далмацијан“ набрзо објави дека пропаднала поради откажување на еден инвеститор.

Белград – Претседателот на српскиот Совет за странски инвестиции Фредерик Куен смета дека Владата на Србија треба да покрене и да спроведе темелни реформи бидејќи сегашната состојба не е одржливо за никого. Куен истакна дека треба итно да се развијат пет области во Србија, за да се подобри деловното опкружување: општа правна рамка, прописи од областа на даноците, работничките права, недвижностите и изградбата и контролата на пазарот.

Минхен – Речиси една третина од сите половни автомобили кои се продаваат во Германија имаат местена километража, објави германскиот автоклуб АДАЦ. Една третина купувачи на половни автомобили во Германија се жртви на измама со манипулирање со километражата, со што бескрупулозните продавачи ја зголемуваат цената на возилата. Покрај манипулацијата со наведената километража, исправки се вршат и во документацијата, така што измамите тешко се откриваат и докажуваат, а посебно се подложни автомобилите произведени по 2000 година, бидејќи наместо механички, бројачите сега се дигитални.

Вашингтон – Најголемиот светски производител на генетски модифицираното семе „Монсанто“ ја зголеми прогнозата за деловните резултати за тековната фискална година. Прогнозите се оптимистички наспроти падот на профитот од шест отсто во третото тримесечје од оваа деловна година , кое заврши на 31 мај, соопшти компанијата. И покрај падот на профитот во периодот март-мај, вредноста на акциите на оваа американска компанија забележа силен раст, поради зголемување на прогнозата на годишниот резултат, како и поради најавата дека профитот во следните години ќе биде двојно зголемен.

Вашингтон – Американската економија во првиот квартал опадна на годишно ниво за 2,9 отсто поради острата зима, што е најголем нејзин пад во последните пет години. Таков пад на стопанството значително е полош од првобитната проценка, за намалување од еден отсто на годишно ниво. Ваквите резултати се последица на послабиот раст на личната потрошувачка и поголемиот трговски дефицит на САД.

Амстердам – Квартот на црвените фенери во Амстердам и многу кафулиња кои продаваат дрога и нудат сексуални услуги, годишно придонесуваат во БДП на Холандија со 2,5 милијарди евра. Како што соопштија властите во Амстердам, тоа е нешто повеќе од националната потрошувачка на сирењето. Според објавените податоци за БДП на Холандија, заклучено е дека проституцијата и продажбата на дрога придонеле за раст на холандската економија за 0,4 отсто.

Њујорк – Њујоршките обвинители ја обвинија британската банка „Барклиз“ за измама, бидејќи според нив, раководела со инсајдерско тргување со хартии од вредност. Таквото незаконско работење е спроведено во корист на предаторски настроените шпекуланти заинтересирани за висок ризик. Американскиот државен обвинител Ерик Шнајдерман вели дека „Барклиз“ им ветила на клиентите дека ќе ги штити од опасните игри на шпекулантите на затворените берзи, кои бараат брза заработка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП