25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК: 2014 подобра година за економијата

ССК: 2014 подобра година за економијата

ssk45

Идната, 2014, ќе биде подобра година за економијата, со динамичен раст кој ќе надмине 3,5 отсто пред се преку реализација на капиталните инвестиции кои се за 20 проценти повеќе во однос на 2013, смета Сојузот на стопански комори (ССК).

Бизнис секторот порачува да нема парламентарни избори, доколку не е суштински важно за политичката сцена во Република Македонија. Воедно посакува мирно одржување на претседателските.

– Изборниот процес не треба да ги нарушува економските текови на државата, како и сите учесници во економскиот сектор за да може да се остварат планираните проекции, апелираат компаниите.

Според ССК, условите за економски раст првпат по економската криза се најповолни. – За економскиот раст е особено важно да се зголеми кредитирањето, од актуелните 5,1 отсто до 9 проценти во 2014-та. Неговата динамика ќе зависи и од реализацијата на најавените инфраструктурни проекти, како и од вложувањата во енергетиката, укажуваат бизнисмените.

– Главни двигатели на економскиот раст ќе бидат 20 отсто зголемените капитални инвестиции предвидени во Буџетот за 2014, домашните и странските директни инвестиции, мерките на Народната Банка, референтната каматна стапка од 3,25 отсто, ограничената побарувачка на благајнички записи според јасна определба на побарувачката, неделните репо-аукции, како и ослободувањето на задолжителните резерви на банките за износот на кредитите на нето-извозниците и домашните производители на електрична енергија, вели претседателот на ССК Златко Калеников.

Градежниот сектор ќе биде двигател на растот и во 2014 година. – Очекуваме македонските фирми активно да се вклучат во реализацијата на овие проекти. Најавена е поддршка за нашите компании на тој начин што ќе можат да бидат добавувачи на странските компании кои работат во Македонија. Тогаш ќе може уште повеќе да се почувствува ефектот од привлекувањето на странските инвеститори во земјата, додава Калеников.

Компаниите очекуваат евтините кредитни линии и новите 100 милиони евра од Европската инвестициска банка да овозможат подобрување на перформансите на македонските претпријатија.

Зголемената ликвидност на банките и ослободените средства, велат, создадоа релаксација и простор за пренасочување на пласманите за зголемено кредитирање на стопанството и населението. Сето ова треба да резултира со зголемена лична потрошувачка.

– Приватниот сектор ќе биде двигател на зголемена лична потрошувачка во 2014 година.

Покрај ова, и најавеното зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор, треба да придонесат за зголемена лична потрошувачка. Се надевам дека пазарењето, шопингот, ќе се остварува главно во Република Македонија, преку зголемена понуда на производи на македонскиот пазар, преку конкурентен модел на шопинг кампањи како и преку зголемен број на трговски центри, напоменува Калеников.

Создадени се услови од страна на Народна банка, преку одржување историско најниско ниво на референтната каматна стапка и преку други макропрудентни мерки, за зголемена кредитна поддршка на економијата. Како што нагласува биснис секторот, засега ефектите кај кредитирањето изостануваат. За догодина охрабрува најавата за зголемена кредитна активност на банките. Ликвидноста на банките е голема и има доста пари кои треба да се пласираат во стопанството и меѓу населението.

Надеж за македонскиот извоз, потенцираат компаниите, е излегувањето на Европската унија од рецесија и првпат проектираниот економски раст на ЕУ од 1,4 отсто.

За Сојузот на стопанските комори, најпозитивни пет економски мерки во 2013 година се раздолжувањето на државата кон стопанството, Законот за финансиска дисциплина, кредитните линии на ЕИБ, намалувањето на референтната каматна стапка на 3,25 отстоо и договорот со Русија за гасификација на Македонија.

Компаниите потенцираат дека реализацијата на најавените капитални инвестиции е клучното оружје за борба против кризата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП