2 мај, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки од вести од светот

Кратки од вести од светот

najnovi-vesti1

Подгорица – Надворешно-трговската размена на Црна Гора за 11 месеци оваа година изнесуваше 1,96 милијарди евра, а Србија и понатаму е најважен трговски партнер. Според објавените податоци на Заводот за статистика Монстат, Црна Гора од јануари до крајот на ноември извезла стока во вредност од 341 милион евра, што е повеќе за 1,9 отсто во однос на истиот период лани, а увезла за 1,62 милијарди евра, што е помалку за 3,4 отсто од наведениот период. Во структурата на извозот најмногу се застапени обоените метали и електричната енергија, додека Црна Гора најмногу увезла храна и нафта. Само за увоз на храна Црна Гора за 11 месеци оваа година потрошила 335 милиони евра.

Сараево – Телекомуникацискиот оператор М-тел од Бања Лука ќе ја купи сараевската компанија Логософт за која е подготвен да издвои дури 12 милиони евра т.е. 24 милиони марки. Повеќемесечната шпекулација за купувањето на една од водечките информатички компании на подрачјето на БиХ дефинитивно се отстранети, а преговорите меѓу двете компании се во завршна фаза и договорот треба да се потпише во почетокот на идната година, дознава Дневни аваз. Весникот понатаму наведува дека Логософт е единствен официјален дистрибутер на Верисигн ССЛ сертификати во БиХ. Се работи за сертификат кој ја зголемува сигурноста на веб страниците и го заштитува поставувањето на доверливи податоци.

Сараево – Компанијата БиХ Телеком деловната 2013 година ќе ја заврши со приход од 597 милиони конвертибилни марки или 305 милиони евра и со добивка од 70,3 милиони евра. Наспроти падот на добивката од 7 отсто и приходите од 2,5 отсто во однос на 2012 година, во управата на компанијата резултатот го сметаат за успешен, со оглед на глобалните движења на пазарот, пренесе порталот Бизнис.хр. БиХ Телеком кој е во мнозинска државна сопственост, во 2013 година изгуби околу 25 илјади претплатници на фиксната телефонија, но затоа доби 20.000 нови корисници на интернет, истакнуваат во компанијата. Покрај нешто повеќе од 437.000 корисници на фиксна телефонија, мобилната мрежа на БиХ Телеком ја користат над 1,5 милиони претплатници и припејд корисници.

Париз – Француската официјална статистика објави дека оваа земја во 2013 година ја избегна рецесијата. Имено, економијата на Франција во последниот квартал растеше за 0,4 отсто по успорувањето од 0,1 отсто во третиот квартал. Вкупниот раст за цела 2013 година треба да биде 0,2 отсто. Последен пат Франција беше во рецесија на почетокот на 2013 година, но таа беше очекувана и кон крајот на годината, посебно затоа што францускиот извоз во третиот квартал падна за 1,3 отсто. Меѓутоа, сега се чини дека изгледите за третата најсилна економија се малку подобри – очекуваниот раст во 2014 треба да биде 0,9 отсто.

Ријад – Шест енергетски богати арапски монархии сакаат да ја зајакнат соработката со Кина, изјави шефот на Советот за заливската соработка Абдулатиф ал-Зајани. Кинескиот министер Ванг Ли разговараше во Ријад со Зајани, кој изрази интерес за јакнење на пријателството и соработката со Кина. Ванг, кој стигна во Саудиска Арабија во рамки на регионалната турнеја, во чиј тек ги посети и Израел, палестинските територи, Мароко и Алжир, порача дека Пекинг исто така сака да ги развие економските, трговските и инвестициските врски со земјите од заливот.

Рио де Жанеиро – Бразилскиот тајкун Елке Батиста успеа со странски кредитори да договори претворање на 5,8 милијарди долари долг на својата нафтена компанија ОГП во 90 отсто акции. ОГП порано познат како ОГХ наведе дека со кредиторите е договорено дека сопствениците на 3,8 милијарди долари вредни обврзници кои ги издаде филијалата ОГП, ОГХ Австрија во работењето на компанијата ќе инвестира дополнителни 200 до 215 милиони долари. Примената на договорот, кој треба да го одобрат сите кредитори и судот во Рио де Жанеиро, на ОГП ќе му овозможи да се извлече од моменталната финансиска криза, да продолжи со активностите и да ги оствари целите. Компанијата наведува дека по одобрување на договорот ќе продолжи трговијата со нејзините акции на берзата во Сао Паоло.

Антананариво – Република Мадагаскар, островска земја во Индискиот океан, наспроти огромниот потенцијал, се соочува со сериозна економска криза. Мадагаскар чека и резултати од претседателските избори, кои се одржуваат во петок. На тој, четврти најголем остров на светот, 92 отсто од населението живеат со помалку од 2 долари дневно, што е своевиден рекорд дури и меѓу најсиромашните земји на светот, пренесе Радио Франс интернешенал РФИ. Една од првите мисии на новиот претседател на Мадагаскар, кој треба да биде избран во петок, ќе биде зајакнување на стопанството.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП