25 април, 2024
ПочетнаКРАТКИ ВЕСТИ СВЕТКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – На регионалната скала на нај јаките брендови во потрошувачката првите три места ги заземаат чоколадите милка, кока-кола и вегета, соопшти куќата Валикон. Зад нив следат аргета, цедевита, кокта, орбит, нивеа крема, смоки, фруктал сокови, палома марамчиња, нескафе, плазма бисквити, аквафреш, јафа, фанта, дорина, ленор, пепси, кики, чипс, нутела, ариел, подравка супи и дукат јогурти. На скалата на најпопуларните стокови марки во регионот преовладуваат поранешните југословенски брендови, па меѓу првите 10 оваа година шест од нив се со корени во регионот: вегета, аргета, цедевита, кокта, смоки и фруктал, се наведува во истражувањето, чии резултати ги објавува порталот Indikator.ba.

Белград – Фиат автомобили Србија (ФАС) е подготвена идната година да го зголеми производството во Крагуевац, ако дојде до очекувано зголемување на побарувачката на европскиот пазар. – Како и другите производители како Опел, Форд, Фолксваген, Ситроен, што изнесоа дека очекуваат дека европскиот пазар идната година ќе има пораст од 1,5 до 2,5 отсто и ние сме подготвени да ги зголемиме нашите планови – рече директорот Антонио Чезаре Ферара.

Белград – Судејќи според огласите за работа објавени во текот на 2013 година, вештините за програмирање во Србија во ИТ секторот биле најбарани. Во сите огласи во ИТ категоријата, објавени на порталите www.poslovi.infostud.com и www.poslovi.rs во период до декември оваа година, најчесто биле барани вештини со познавање на програмски јазици, покажа анализата на Факултетот за стручни студии за информатичка технологија ИТС.

Подгорица – Просечната плата во Црна Гора во ноември, без данок и придонеси, изнесувала 479 евра, т.е. била поголема за 0,2 отсто во однос на истиот месец лани. Како што соопшти Заводот за статистика Монстат, просечната плата во ноември во Црна Гора во споредба со просечната плата во 2012 година била помала за 1,6 отсто. Се додава дека просечната плата во ноември, во однос на претходниот месец, е поголема за 0,8 отсто.

Лондон – Две подружници на американскиот инвестициски фонд В. П. Кери купија од Агрокор пет современи малопродажни трговски објекти во Хрватска, за 67 милиони евра.

Пекинг – Кина одбила да увезе 545.000 тони американска пченка за која се утврдило дека содржи недозволени ГМО серии, соопшти кинеската агенција за безбедност на храната. Кинеската влада ги промовира ГМО посевите за да го зголеми производството на храна, но наидува на спротивставување на критичарите, кои ја доведуваат во прашање безбедноста на употребата на таквите посеви, посебно тие што се увезени од САД, пренесе агенцијата АП. Недозоволениот вид МИР162 е откриен во 12 пакети пченка во шест контролни станици, наведе Агенцијата за надзор на квалитетот, инспекција и карантин, додавајќи дека пченката ќе биде вратена во САД.

Отава – Канадскиот производител на паметни телефони Блекбери, заклучно со 30 ноември во третиот квартал на годината, забележа тешка загуба поради обезвреднување на резервите. Блекбери, кој минатиот месец објави дека е на продажба, исто така најави петгодишно партнерство со тајванската групација Фокскон, пренесе Ројтерс. Нето загубата во тоа тромесечје изнесувала 4,4 милијарди долари, додека во истиот период лани компанијата остварила нето профит од 9,0 милиони долари. Кога ќе се вклучат вонредните ставки, загубата изнесува 354 милиони долари.

Њујорк, Вашингтон – Иако пазарот на биткоини и понатаму во голема мера е обвиткан во тајна, објавено е дека најголем број на виртуелната валута на едно место има американската ФБИ. Благодарение на рацијата и затворањето на сајтот Патот до свилата, ФБИ во својот битпаричник има дури 144.000 биткоини, вредни според моменталните цени околу 100 милиони долари. Сајтот Вајерд наведува дека ФБИ има и еден помал виртуелен паричник со околу 30.000 биткоини, т.е. околу 20 милиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП