4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд февруари регистрација на фирми само по електронски пат

Од февруари регистрација на фирми само по електронски пат

firm

Регистрацијата на фирми од февруари следната година ќе се врши само по електронски пат. Измените се подготвени и треба да се достават до Владата до крајот на овој месец.

Директорот на Централниот регистар на Република Македонија Ванчо Костадиновски истакна дека до тогаш ќе има и доволен број регистрациски агенти преку кои може да се врши регистрацијата на фирма за нула денари.

Годинава се отворени 6.247 компании, од кои 240 се регистрирани по електронски пат од страна на овластени регистрациски агенти кои ја вршат оваа активност последните неколку месеци.

До јануари се очекува да се зголеми бројот на регистрациски агенти, кој сега на ниво на држава е 121. Обуки се организираат во континуитет, а има голем интерес од овластените сметководители.

Во евиденцијата на Централниот регистар има околу 100 илјади компании. Директорот Костадиновски посочи дека годинава се затворени во нормална процедура 3.758 компании.

Согласно измените на Законот за трговски друштва избришани се 4.200 фирми од евиденција, за 3.500 кои се во регистрацијата на блокирани сметки и 6.100 кои немаат активност три години по ред се чека да го утврди статустот Управата за јавни приходи.

Од УЈП се чека и утврдување на статусот на 37.748 фирми за да може потоа да бидат избришани од
регистарот.

Информира дека се водат повеќе проекти во Централниот регистар, меѓу кои е и системот за електронска нарачка на потврди.

Сите проекти, Централниот регистар ќе ги претстави пред јавноста поблиску преку Отворените денови што ги организира овој месец од утре до 29-ти, кога сите заинтересирани граѓани ќе може да се обратат за се она што ги интересира во врска со работата на оваа институција. Акцијата се спроведува вторпат.

– Во регистрациските канцеларии на Централниот регистар во 20 градови ќе се спроведе акцијата Отворени денови. Во согласност со нашата заложба што поблиску да бидеме до граѓаните тимови од Централниот регистар од Скопје заедно со локалното раководство ќе бидат достапни да одговорат на сите отворени прашања на граѓаните што се поврзани со надлежностите на Централниот регистар, рече Костадиновски додавајќи дека идејата е да ги посоветуваат граѓаните за тоа како најдобро и најефикасно да решат некој нивен проблем или комплексна ситуација поврзана со кој било од регистрите што ги води Централниот
регистар или доколку проблемот не е во надлежност на Централниот регистар да ги упатат во
некоја институција која е надлежна.

Отворените денови почнуваат од утре во Куманово. Во Скопје ќе биде отворено за граѓаните на 20 декември, а завршуваат на 29-ти во Штип и Кочани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП