1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбјавен повик за прекугранична соработка со Косово

Објавен повик за прекугранична соработка со Косово

kosovo

Во ЕУ Инфоцентарот денеска официјално беше објавен првиот Повик за проектни предлози од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово 2010-2013. Со повикот што почна од 15 ноември на двете земји на располагање им се средства во висина од речиси 3,2 милиони евра.

– Одредени региони во Македонија, како што е скопскиот, првпат ја имаат можноста да учествуваат на повик за проектни предлози кои ќе бидат финансирани од ИПА претпристапните фондови за прекугранична соработка. Со тоа се придонесува за поголема соработка на населението од прекуграничниот регион и развој на добрососедските односи, што е и примарна цел на оваа програма, рече министерот за локална самоуправа Тахир Хани на прес-конференцијата во ЕУ Инфоцентарот.

Тој посочи дека во рамките на прекуграничната соработка со Албанија, Бугарија, Грција и транснационалната програма на Југоисточна Европа досега преку ИПА 2007-2013 програмата се објавени вкупно 13 повици и се склучени 150 договори за проекти во вредност од 16 милиони евра.

Со новата програма, како што рече, се овозможува и реализација на граничниот премин Белановце-Станчиќ.

Министерот за локална самоуправа на Косово, Слободан Петровиќ објавувањето на повикот го оцени како многу важен чекор за заедничка соработка меѓу двете земји.

– Повикот значајно ќе влијае на животот на луѓето кои живеат во пограничните региони. Цврсто сум убеден дека ќе бидеме во состојба да изработиме квалитетни и вистински предлог проекти кои ќе придонесат кон сигурна и поизвесна иднина за сите, рече Петровиќ.

Евроамбасадорот Аиво Орав изрази уверување дека средствата што ги одвои ЕУ за повикот значително ќе придонесат за промовирање на локалниот економски развој и ќе ја зајакнат демократијата во прекуграничниот регион.

– Присутноста на голем број заинтересирани денеска е потврда за намерите на двете земји да соработуваат не само на ниво на министерства, туку и на општини и организации од граѓанското општество и други потенцијални партнери, рече Орав.

Криштоф Сток, шефот на Канцеларијата на ЕУ за соработка во Косово рече дека повикот ќе помогне за реализација на многу активности и додаде дека се надева оти многу организации ќе поднесат проекти кои ќе придонесат за подобрување на животот на двете страни од границата.

Посочи дека ова е прв прекуграничен повик што ќе се реализира во Косово. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП