2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманската „Маркарт“ отвора фабрика во Велес, нови 50 вработувања

Германската „Маркарт“ отвора фабрика во Велес, нови 50 вработувања

marquardt_logo

Германската компанија „Marquardt GmbH”, познат добавувач во автомобилската индустрија влегува на македонскиот пазар.

Ќе инвестира 35 милиони евра во изградба на погон за производство на делови за врвните германски
брендови како „Мерцедес“, „Ауди“ и „БМВ“.

Планира да вработи над 500 луѓе од кои една третина инженери, а останатите ќе бидат дополнително обучувани.

Погонот ќе биде сместен во Велес на површина од околу 15.000 метри квадратни, а изградбата се очекува да почне во март 2014 година. Фабриката ќе започне со производство во првиот квартал на 2015 година.

Договорот за новата инвестиција беше потпишан денеска во Владата на Република Македонија од страна на министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и претставникот од компанијата Лудгер Шонекер, во присуство на премиерот Никола Груевски.

Првиот контакт меѓу македонската Влада и германската компанија е воспоставен во септември 2008 година по што, по повеќемесечни преговори, во март годинава е донесена одлуката за инвестирање во Македонија.

– Пред две години ги убедивме да дојдат и да ја посетат Македонија. Тогаш се уште кај нив преовалдуваше скепса за Македонија, но по посетата на земјава видоа дека во Македонија има огромна перспектива за позитивна заедничка иднина, рече Самак, по потпишувањето на договорот.

Според него, новата инвестиција покрај тоа што ќе обезбеди отворање нови работни места, ќе го стави и градот Велес на мапата на врвни компании од Германија и други држави кои соработуваат со „Маркарт“.

– Особено важно е што оваа инвестиција во машини и капитал обезбедуваат ново знаење и учење на висок квалитет и продуктивност. Со годишен извоз од над 75 милиони евра, Велес ќе влезе во мапата не само на „Маркарт“, туку и на нивните бројни купувачи од Германија како што се БМВ, Ауди, Мерцедес и многу други.

Само во првите пет години, според иницијалната проценка и првата фаза на оваа инвестиција, ќе се обезбедат над 150 милиони евра нето додадена вредност за Македонија.

Тоа е дополнителното значење на ваквите инвестиции, потенцира Самак.

Причините поради кои германската компанија се одлучила да инвестира во Македонија се квалификуваната работна сила, мотивираноста и трудољубивоста на луѓето, како и сигурната политика на Владата.

– Во разговорите со претставниците на Владата видовме јасна стопанска линија која ги поврзува очекувањата со интересите на инвеститорите.

Се одлучивме за Велес како локација затоа што градот има индустриска историја која ни е од помош при регрутирање на вработените за индустриско производство. Велес има висок потенцијал на квалификувани
работници и неговата положба до аеродромот и автопатот е логистички интересен, рече Шонекер.

Компанијата „Маркарт“ е основана во 1925 година од страна на двајца пријатели. Има над 7.000 вработени. Имаат свои претставништва во Европа, Азија и Африка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП