ПочетнаКОМПАНИИ„ExxonMobil“ и „Chevron“ со милијарди долари профит поради војната во Иран

„ExxonMobil“ и „Chevron“ со милијарди долари профит поради војната во Иран

Американските нафтени гиганти „Chevron“ и „ExxonMobil“ забележаа огромен раст на профитот во вториот квартал, откако војната во Иран и нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток ги зголемија цените на нафтата.

Chevron го зголеми нето-профитот на 12 милијарди долари, што е речиси четирикратно повеќе од 2,5 милијарди долари заработени во истиот период минатата година.

Компанијата во вториот квартал остварила и коригиран профит од 6,06 долари по акција, што е за 50 центи повеќе од очекувањата на Волстрит.

„Работиме со полна пареа и тоа е добро, бидејќи на светот му е потребно тоа“, изјави извршниот директор на „Chevron“, Мајк Вирт.

Тој предупреди дека ризиците за снабдувањето со нафта од Блискиот Исток веќе се прошириле и надвор од Ормутскиот Теснец, во период кога глобалните залихи се намалуваат. Дополнителен притисок создаваат и Хутите во Јемен, сојузници на Иран, кои го проширија конфликтот кон Црвеното Море, важен алтернативен пат за извоз на нафта од Саудиска Арабија.

„Ситуацијата е напната и се плашам дека таква и ќе остане. Времето ни истекува, а со секој изминат ден ситуацијата станува потешка“, предупреди Вирт.

И „ExxonMobil“ забележа огромен скок на профитот. Компанијата во вториот квартал заработила 14,5 милијарди долари, повеќе од двојно во споредба со околу 7,1 милијарди долари во истиот период минатата година.

Приходите на „Exxon“ достигнале 116 милијарди долари, значително над очекуваните 97,8 милијарди. „Chevron“, пак, остварил приходи од околу 70 милијарди долари, над прогнозата од 62 милијарди долари.

Причината за огромниот раст на заработката е пред сè поскапувањето на нафтата. Американската сурова нафта во периодот од април до јуни се продавала во просек за 92,45 долари за барел, што е раст од 27 отсто во однос на претходниот квартал.

Растот на цените и нарушувањата во снабдувањето се одразиле и врз производството. „Chevron“ во САД достигнал историски рекорд од околу 2 милиони барели дневно, додека глобалното производство достигнало околу 4 милиони барели дневно, што е раст од 20 отсто во однос на истиот квартал минатата година.

„Exxon“, пак, го достигнал највисокото ниво на производство во повеќе од 20 години, со рекордно производство во Пермскиот басен. Вкупното глобално производство на компанијата достигнало околу 4,5 милиони барели дневно.

Особено профитабилен бил бизнисот со рафинирани производи. „Chevron“ заработил 4,9 милијарди долари од рафинерискиот сектор, што е раст од околу 500 отсто во однос на 737 милиони долари една година претходно. Повисоките цени на бензинот и дизелот поради нарушувањата на Блискиот Исток значително ја зголемиле заработката.

„Exxon“ во истиот сегмент остварил 5,5 милијарди долари профит, што претставува голем пресврт во однос на загубата од 1,3 милијарди долари во првиот квартал. Компанијата се потпрела на високата искористеност на рафинериите долж брегот на Мексиканскиот Залив и рекордното производство на дизел.

Сепак, нафтените гиганти не брзаат целосно да ги распределат огромните профити меѓу акционерите. Наместо тоа, значителен дел од парите го користат за намалување на долгот, што покажува дека компаниите се претпазливи околу тоа колку долго ќе трае сегашниот период на високи цени на нафтата.

„ExxonMobil“ во текот на кварталот го намалил нетниот долг за повеќе од 7 милијарди долари, додека „Chevron“ насочил рекордни 8,4 милијарди долари кон намалување на долгот.

Иако војната и геополитичката криза им донесоа огромни приходи, нафтените компании очигледно не сметаат дека сегашниот нафтен бум ќе трае неограничено. Наместо агресивно трошење на профитот, тие избираат да ги зајакнат своите биланси и да се подготват за можен пад на цените.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП