Во 2025-та година, земјите членки на Европската Унија произвеле вкупно 3,44 милијарди литри сладолед, објави европската статистичка служба Евростат. Тоа претставува раст од 1,9 отсто во споредба со 2024-та година.
Германија останува најголемиот производител на сладолед во ЕУ, со 608 милиони литри произведени во 2025-та година.
На второ место е Италија со 549 милиони литри, а третото место го зазема Франција со 525 милиони литри.
Меѓу најголемите производители се и Шпанија со 457 милиони литри и Белгија со 274 милиони литри.
Во споредба со 2024-та година, сите овие земји забележале зголемување на производството. Во Италија производството пораснало за 10 отсто, во Белгија за 6 отсто, во Франција за 4 отсто, во Шпанија за 2 отсто, а во Германија за 0,2 отсто.

Франција е најголем извозник
Иако сладоледот традиционално најчесто се поврзува со Италија, Франција е најголемиот извозник на сладолед од Европската Унија.
Во 2025-та година земјите членки заедно извезле 289,8 милиони килограми сладолед во земји надвор од ЕУ, додека увезле 77,8 милиони килограми.
Извозот во 2025-та година се зголемил за 10 отсто во однос на претходната година, односно за 26 милиони килограми. Увозот, пак, пораснал за 12 отсто, односно за 8,5 милиони килограми.
Франција и во 2025-та година ја задржала лидерската позиција во извозот, со 59,1 милион килограми сладолед извезен во земји надвор од ЕУ. Тоа претставува околу 20 отсто од вкупниот извоз на сладолед од Европската Унија.
На второ место е Италија со извоз од 55,2 милиони килограми, или 19 отсто од вкупниот извоз.
Следуваат Белгија со 34,5 милиони килограми (12 отсто), Германија со 29,9 милиони килограми (10 отсто) и Холандија со 26,5 милиони килограми (9 отсто).
Значи, иако Италија произведува повеќе сладолед од Франција, Французите успеваат да извезат поголема количина на странските пазари.



