2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски ги повика германските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Груевски ги повика германските бизнисмени да инвестираат во Македонија

gruevski

Германските инвеститори да ја посетат Македонија и да ги искористат предностите што се нудат за инвестирање со цел изградба на капацитети и поттикнување на инвестициската активност.

Таков апел упати македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето на конференцијата што се одржа во Берлин, во организација на Здружението на источна и средна Европа кое обединува германски компании од 29 држави, а кои имаат бизнис, инвестициски активности или се заинтересирани за ширење на својата работа.

Германија, истакна премиерот Груевски, е најзначајниот трговски партнер на Македонија затоа што 20 проценти од извозот оди токму во оваа  држава. – Она што е значајно е фактот што освен што имаме силна економска и трговска  соработка во последните неколку години Германија станува значаен инвеститор во Македонија изразен низ повеќе крупни инвестиции на германски компании како што се Кромберг и Шуберт и Дрекслермајер кои од неодамна работат во Македонија и остваруваат извоз, посочи Груевски.

Веќе потврдена предност за инвеститорите, според Груевски, е достапноста за нив од страна на целата Влада за успешна реализација на инвестицијата преку директни контакти.

– Ние сме мала држава и имаме можности да бидеме во многу почеста комуникација со компаниите. Така што, ако дојдете во Македонија јас би ве упатил прво да разговарате со некои од тие компании коишто во последните години инвестирале во Македонија за да ги чуете и нивните размислувања и да го проверите ова што сега го зборувам. Ќе слушнете дека Македонија е една од ретките земји каде што која било компанија кога сака телефонски да добие некој министер не чека повеќе од ден или два, рече Груевски.

Слично е, додаде, и за средбите што ги бараат со мене или телефонските разговори доколку некогаш се најдат во некој проблем. – За среќа, такви проблеми нема многу односно има многу ретко, но секогаш кога ги има ние сме тука да помогнеме во директна комуникација и во директен контакт. И тие кажуваат дека тоа го немаат во ниту една друга земја. И токму тоа го кажуваат на сите инвеститори кои доаѓаат со размислување дали да инвестираат во Македонија или да не инвестираат, нагласи македонскиот премиер.

Македонија, укажа, инвестира во отворање технолошко-индустриски развојни зони, со поволности за инвеститорите, што веќе ги искористија повеќе фирми, а некои од нив и отворија втори капацитети како Џонсон Мети, Ван Хол, Џонсон Контролс, Технокозе и Продис, …

– Во овие зони има специјални услови за инвеститорите меѓу кои е и во првите 10 години воопшто да не се плаќаат персоналниот данок на доход и данокот на добивка. Исто така, царината и данокот на додадена вредност за репроматеријалите, суровините коишто се увезуваат со цел да се произведе готов производ кој се извезува воопшто не се плаќа. Цената на земјиштето во овие слободни економски зони е симболична, на граница на бесплатно и донесена е целокупната инфраструктура, вклучувајќи гас во делот на скопските зони и сите други потребни работи поврзани со инфраструктурата. Вакви зони засега имаме подготвени четири, во градба се уште седум, а некаде во март-април следната година ќе започне градба и на уште  три  во различни делови на земјата, наведе Груевски.

Според него, во Македонија се направени крупни чекори за подобрување на бизнис климата, а еден од позначајните е проектот регулаторна гилотина, со кој се скратија или целосно беа укинати многу бирократски бариери кои го отежнуваа водењето бизнис.

Во комбинација со редица други мерки и чекори кои беа направени на овој план, укажа премиерот, Република Македонија за само 6 години ја подобри и покачи својата позиција на ранг листата на Светската банка во годишното издание на  Дуинг бизнис. Од 94.то место на кое се наоѓавме во 2006  година денес сме на 25.то место во светот, од вкупно 183 земји кои што ги следи Светска банка. Ова рангирање е подобро од речиси сите земји од централна и источна Европа и е подобро од 21 од вкупно 28 земји членки на Европската унија. Дополнително она што дава гаранција и сигурност на потенцијалните инвеститори е 16.то место кое го дели државата на истата таа листа според заштитата на инвестициите. За 45 места според извештајот за најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ (од 82-то на 37-то место) и 35 места според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ (од 78-то на 43-то место),  рече Груевски.

Ги презентира и поволностите за инвеститорите од даночната политика, со воведувањето рамен данок. – Персоналниот данок на доход се намали на 10 проценти, данокот на профит исто така се намали на 10 проценти, меѓутоа само за компаниите кои што профитот го делат во девиденда. Оние компании кои што одлучуваат профитот да не го поделат во девиденда, односно да го зачуваат во компанијата или пак да го реинвестираат, тие компании не плаќаат данок на профит во Македонија, односно нула проценти данок неограничен број години и неограничен износ што Македонија ја прави држава со најповолен даночен пакет во Европа, истакна Груевски.

Тој ги наброја и предностите и реформите кои се прават во сферата на образованието, истакнувајќи дека Македонија не само што нуди најниски трошоци за правење бизнис, туку нуди  и квалититетна образована работна сила.

– Македонија инвестира во квалитетна и високо обучена работна сила и тоа изнесува 6,5 проценти од БДП на земјата што во основа е над просекот на државите од Европската унија, рече Груевски, меѓу другото посочувајќи дека е важно што  македонските универзитети им нудат на компаниите кои ќе се одлучат да инвестираат, во периодот додека се гради фабриката, одредени групи студенти во последните години од студирањето да го насочат нивното внимание токму на она што им е потребно на компании кои вложуваат. Таквата можност ја искористиле неколку големи компании кои работат во државата.

– Македонија води стабилна макроекономска политика, и е 4. најниско  задолжена земја во Европа, има четврт највисок раст на економијата во првите 6 месеци од годината. Според рангирањата на Светската банка има најдобар Централен регистар во Европа и 6. во светот, наведе Груевски.

Со владиниот тим, во чиј состав се вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, на маргините на конференцијата, се сретнаа  со претставници на повеќе реномирани германски компании и инвеститори од сферата на банкарскиот сектор, консултантски услуги, автомобилската индустрија и градежништвото. Нивните соговорници истакнаа дека македонските поволности за инвестирање се предизвик за нивните идни планови за ширење на бизнисите.

Според директорот на Дојче Банк за Централна и Источна Европа Петар Тилс, Македонија користи иновативни инструменти за да  се приближи до  капиталните пазари, а резултатите се многу позитивни.

– Ги имате едни од најдобрите оценки во регионот. Министерот за финансии прави се во врска со буџетот и следната година ние очекуваме дефицитот да биде 1 процент. Гледам дека има голем број инвеститори кои се заинтересирани да ја посетат вашата земја и мислам дека ова е најзначајно прашање, земјата лобира за директни странски вложувања која е апсолутно исправна работа, изјави Тилс, посочувајќи дека мора да се намали стапката на невработеност и со тоа да се помогне во привлекување  странски директни инвестиции.

Сопственикот на консултантската и адвокатска компанија „Грамс и Партнер“ Хералд Грамс нагласи дека Македонија е мошне интересно место за инвестирање, а македонската Влада е отворена за привлекување странски капитал.  Одлучил да истражи подетално и да види дали е исплатливо да се инвестира во Македонија. Од конференцијата, како што рече, добил впечаток дека Владата на Република Македонија е заинтересирана за носење странски капитал и ги поддржува странците да инвестираат во земјата.

– Индустрискиот сектор е од голема важност, но не треба да се забораваат и услугите коишто би можеле да се даваат преку Македонија. Бизнисот денес е глобализиран, најчесто е лоциран во САД или во Обединетото Кралство и се дистрибуира во различни делови на светот. Во еден глобализиран свет сакаме да инвестираме во работни места во Европа и да видиме дали е тоа добро за земјата и сметам дека можностите за ова се најдобри на Балканот, изјави Грамс.

Со став дека Македонија е добро место за инвестирање е и Герд Ленга, претседател на Здружението на Источна и Средна Европа кој е и организатор на конференцијата. Македонија, истакна, нуди добри можности кои треба да бидат искористени. Ова претставување на поволностите треба да биде искористено од страна на германските компании заинтересирани за соработка.

– Ние сме асоцијација која ги поддржува германските компании кои работат во 29 земји од Источна и Средна Европа. Се среќаваме еднаш годишно и одржуваме конференција. Ова е третпат како се среќаваме и покануваме двајца до тројца владини претставници обично од земјите со кои работиме и среќни сме  што денес вашиот премиер е тука и слушнавме за каква индустрија сте заинтересирани и господин Тилс од Дојче банка ни соопшти за финансиската состојба и мислам дека тоа е добра можност, изјави Ленга.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП