27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД ќе ја избегнат јануарската буџетска криза

САД ќе ја избегнат јануарската буџетска криза

crop

Демократите и републиканците во американскиот Конгрес најавија дека постигнале договор со кој се надеваат дека ќе се избегне новата буџетска криза, како таа која ја блокираше централната Влада во октомври, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Преговорите ги водеа првите луѓе на буџетските комисии на Сенатот – демократката Пети Мари и на Претставничкиот дом – републиканецот Пол Рајан.

Двајцата вчера најавија дека постигнале согласност за буџетска рамка.

– Долго време во Вашингтон зборот компромис беше сметан за срамен збор, особено кога се работи за буџетот.

Денеска успеавме да ги надминеме партиските интереси и блокадите, изјави сенаторката Мари.

Буџетот предвидува да се намали таканаречениот секвестер – програмата за кратење на повеќе ставки од буџетот, како што се расходите на армијата и социјалните програми.

Буџетот ќе биде поголем за 68 милијарди долари во следните две години, во кои секвестерот требаше да скрати вкупно 180 милијарди долари од буџетот.

За да се надомести ова зголемување на трошоците, државните службеници ќе мора да платат повисок износ од своите плати кон нивните пензиски фондови.

Дополнителен извор на приходи треба да бидат повисоките давачки за авио-патниците. Се работи за договор кој не ги задоволува барањата на двете партии.

Републиканците, кои имаат контрола врз Претставничкиот дом, бараа драстично кратење на буџетот и реформи на социјалните, здравствените и пензиските програми.

Демократите, пак, сакаа укинување на секвестерот и повисоки даноци за побогатите Американци.

Со договор кој не ги исполнува овие цели, двете страни потпишуваат примирје до ноември 2014 година, кога се одржуваат избори за Конгресот на САД.

Во првата половина на октомври американската Влада беше блокирана, поради неможноста на демократите и републиканците да постигнат договор околу буџетот, односно дали со него ќе се финансира контроверзната здравствена програма Обамакер.

Со повлекувањето на републиканците, Владата доби пари до февруари. Дел од договорот постигнат вчера сепак не е зголемувањето на горната граница на американскиот долг, втората од спорните точки меѓу
двете партии.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП