4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтаврески ги повика струмичките бизнисмени да се вклучат во проектите на Владата

Ставрески ги повика струмичките бизнисмени да се вклучат во проектите на Владата

stavreski

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска престојуваше во Струмичко каде им сугерираше на бизнисмените активно да се вклучат во проектите што Владата ги планира за следната година.

– Средбата  со струмичките бизнисмени беше можност да се запознаеме со состојбите во локалната економија и да споделиме мислење какви се перспективите на македонската економија. Ги запознав бизнисмените од Струмица со плановите на Владата за реализација на капитални инвестиции за следната година. Тоа се крупните проекти за изградба на автопати, за железничката пруга, како и за реализација на бројни капитални проекти во сите сфери и можноста за домашните компании да се вклучат во овие проекти, бидејќи тоа е еден од начините да се обезбеди работа за следната година, изјави Ставрески по средбата со бизнисмените.

Тој нагласи дека на средбата станало збор и за пристапот до финансиски средства и поволните кредити од Европската инвестициска банка со камата од  5,5 проценти.

– За овие кредити малото стопанство од Струмица имаше интерес. Ќе настојуваме што поголем број фирми  од струмичкиот регион да добијат од тие средства, истакна Ставрески.

Средбата во Струмица ја оцени како можност да се слушнат фирмите во делот на нивните согледувања какви се состојбите во економијата и дали се соочуваат со одредени проблеми или потреби за поефикасно работење на институциите.

– Во главно постои задоволство  од работењето на Царината, Управата за јавни приходи,  на Управата за имотно правни работи. Слушнавме неколку корисни сугестии за забрзување на протокот на стоки и патници преку границите, за начинот на реализација на Законот за финансиска дисциплина кој ќе помогне да се подобри ликвидноста на фирмите и неколку други прашања од делот на регулативата и од делот на добивањето лиценци и слично. Ќе настојуваме на сите што учествуваа на дебатата да им помогнеме директно, а и преку системски мерки да се решат одредени прашања, бидејќи домашните инвеститори ни се исклучително значајни за реализација  на  нови инвестиции и за отворање на работни места, рече Ставрески.

Дојдовме во Струмица, додаде, за да се сретнеме со бизнисмените  како што и претходно се среќававме со бизнисмените од другите градови.

– Форумот беше отворен за сите.  Ги поканивме сите фирми од Струмица, секој што сака да дојде да се сретне со нас. Ги повикувам и тие што не беа денеска тука ако имаат некој потреби или проблеми со државните институции или имаат одредени прашања што сакаат со нас да ги поделат да не контактираат, нагласи Ставрески.

Одговарајќи на новинарско прашање Ставрески истакна дека Владата ќе најде начин соодветно да ги згрижи сите 1.600 лица кои беа примени на огласот за вработување на лица од социјално загрозените категории во ЈП Македонски шуми.

-Сите лица  што во рамките на конкурсот на ЈП Македонски шуми се примени на работа ќе бидат згрижени соодветно. Се бараат решенија соодветно на финансиските можности на различни институции на централно и на локално ниво. Можеби е потребно малку време, но за сите  лица ќе се најде соодветно решение и ќе бидат работно ангажирани, рече Ставрески.

Тој додаде дека би било добро секој, и локалната и централната власт,  во делот на можностите што ги имаат да направат напор да згрижат одреден број на лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП