ПочетнаЕКОНОМИЈАДЗР: Нерамномерна распределба на средствата за активните мерки за вработување по плански...

ДЗР: Нерамномерна распределба на средствата за активните мерки за вработување по плански региони во државата

Со ревизија утврдено е дека за активните мерки за вработување во 2024 година се исплатени 1.442.207 илјади денари (23,4 милиони евра), но при распределбата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Повеќе од половина од средствата кај одделни мерки се концентрирани во мал број центри за вработување, односно 62,05% од мерката самовработување и над 50% од мерките субвенционирање на плати и вработување и раст на правни субјекти се реализирани во само неколку градови Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Пробиштип, додека останатите добиле значително помал удел

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенција за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ ) за 2024 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на АВРСМ и изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики, за 2024 година. Во 2024 година преку АВРСМ исплатени се 1.326.958 илјади денари или приближно 21.541.526 евра за паричен надоместок во случај на невработеност, од кои за паричен надоместок 876.960 илјади денари (14.236.364 евра) и за материјално обезбедување 449.998 илјади денари (7.305.162 евра), што претставуваат 40,6% од вкупните расходи на АВРСМ во 2024 година. Исплатите за паричен надоместок се повисоки за 27,13%, односно за 187.148 илјади денари, во однос на 2023 година.

Ревизијата утврди слабости во постапката за остварување на правото на паричен надоместок, кои се однесуваат на некомплетна документација, невоспоставена електронска размена на податоци со Фондот за ПИО, како и отстапувања при утврдувањето на висината на надоместокот. Утврдено е дека најголемиот дел, односно 67,91% од исплатениот износ за паричен надоместок во случај на невработеност во текот на 2024 година е по основ на престанок на работниот однос склучен на определено време, При ревизијата се констатирани случаи на договори за вработување на определено време склучени во траење од само три дена, договори продолжувани над законскиот максимум од пет години, како и повторно вработување кај истиот работодавач по користење на правото на паричен надоместок, што упатува на потреба од зајакнување на контролите при остварувањето на ова право.

За реализација на активните програми и мерки за вработување (вкупно 14) предвидени со Оперативната програма во 2024 година исплатени се вкупно 1.442.207 илјади денари (23.412.451 евра) што претставува зголемување за 16,34% во однос на 2023 година.

При распределбата на средствата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Кај одделни активни мерки исплатите во скопскиот и дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати, додека регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства.

За мерката Самовработување, 62,05% од средствата се реализирани преку центрите за вработување во само пет градови.

Кај мерката Субвенционирање на плати – 327 од вкупно 646 одобрени апликации (50,6%) се однесуваат на само четири центри за вработување („Скопје, Струга, Тетово и Куманово“), додека кај мерката Вработување и раст на правни субјекти – 587 од 917 одобрени апликации (64,1%) се реализирани во пет центри за вработување („Тетово, Скопје, Струга, Куманово и Пробиштип“).

Исто така утврдени се и слабости во системот на мониторинг и контрола на користењето на средствата, поради недоволно разработени процедури, ретки теренски контроли и нецелосна документација, што создава ризик од ненаменско користење на доделените средства. Во текот на 2024 година за мерката Обука за стекнување на вештини од областа на напредни ИТ вештини исплатен е износ во висина од 85.835 илјади денари (1.393.425 евра) при што само 184 од 735 кандидати (25,03%) успешно го положиле завршниот испит, што укажува на ниска ефикасност на мерката.

Во 2024 година АВРСМ исплатила 5.747 илјади денари за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси, при што 77,46% од расходите за адвокатски услуги се реализирани преку еден адвокат. Извршени се исплати без целосна поткрепувачка документација и без соодветна контрола на фактурираните услуги.

Дополнително, за вештачења во износ од 881 илјада денари не е спроведена постапка за јавна набавка, а за 740 илјади денари не е обезбедена документација за извршените услуги. Исто така, дел од адвокатските услуги се однесуваат на административни работи кои можеле да ги извршуваат службите на АВРСМ, но истото не е кадровски екипирано.

Со извршената ревизија во континуитет нагласуваме дека Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица не ги добива сите средства што му следуваат согласно закон.

Во делот на Останати прашања се истакнува дека правилата за остварување на правото на паричен надоместок во случај на невработеност не се доволно јасни и прецизни, што во пракса создава различно толкување и нееднакво постапување. Не се јасно дефинирани сите услови кога лицето стекнува или губи право на надоместок, како и начинот на пресметка во одредени ситуации, особено кај работа со скратено работно време и различни видови престанок на работен однос. Поради тоа, АВРСМ во пракса постапува различно во слични случаи. Овие недоречености доведуваат до правна несигурност, поголем број жалби и судски постапки, како и ризик различни категории на осигуреници да не бидат еднакво третирани, иако сите уплаќаат ист придонес за осигурување во случај на невработеност.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП