Претседателот на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) во Европа, Стефан Шулте, предупреди на сериозни потешкотии во имплементацијата на Системот за влез-излез (EES), новиот механизам на Европската унија за контрола на влезот и излезот на граѓаните од земји надвор од ЕУ.
Станува збор за систем кој се базира на собирање биометриски податоци на патниците, и кој, според него, веќе во првите месеци од имплементацијата предизвика големи доцнења на граничните контроли.
Шулте ги повика европските претставници да престанат да тврдат дека системот работи непречено, посочувајќи дека патниците чекаат во ред со часови во шпицот.
-Не знам како ќе се справиме со претстојното зголемување на сообраќајот во наредните недели – предупреди Шулте, кој исто така го води Фрапорт, операторот на аеродромот во Франкфурт.
Проблеми веќе се пријавени на неколку аеродроми низ ЕУ, вклучувајќи го и случајот во април кога патниците на летот Милано-Манчестер го пропуштија својот авион поради застој на пасошката контрола.
Шулте верува дека системот треба да биде пофлексибилен и дека граничните служби треба да имаат можност привремено да го суспендираат EES со цел да се избегнат колапси и големи толпи.
Иако Европската Унија во моментов дозволува привремени суспензии на системот во одредени ситуации до септември, Шулте предупредува дека летната туристичка сезона продолжува и по тој период, што може дополнително да ја влоши ситуацијата.
Тој верува дека без прилагодувања, системот може да доведе до сериозни застои во воздушниот сообраќај низ цела Европа.



