Германскиот институт Ифо ја намали својата прогноза за економски раст во земјата за следната година на 0,8% од 1,2% очекувани во март, бидејќи се очекува цените да останат високи и покрај прелиминарниот договор за прекин на војната меѓу САД и Израел во Иран.
Во исто време, институцијата ја задржа својата прогноза за раст од 0,8% за оваа година, поддржана од експанзивната фискална политика и повисоките јавни трошоци за инфраструктура, климатска неутралност и одбрана.
„Опоравувањето на германската економија доби на интензитет во изминатата половина година“, велат аналитичарите на Ифо во нивната најнова прогноза.
„Сепак, наглиот пораст на цените на енергијата предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток ја намалува куповната моќ на домаќинствата и ја оптоварува приватната потрошувачка“, се вели во прогнозата.
Институтот претпоставува дека конфликтот на Блискиот Исток ќе биде решен во наредните недели и цените на енергијата постепено ќе се намалуваат, но предупредува дека прогнозата носи „значајни ризици од пад“ ако конфликтот повторно се разгори.
Се очекува инфлацијата да се забрза на 2,9% оваа година, а потоа малку да забави на 2,7% во 2027-ма година, што е над претходната прогноза на Ифо, бидејќи повисоките цени на нафтата веќе се пренесуваат на стоките и услугите.
„Долгорочните перспективи остануваат слаби“, велат од Ифо, при што се очекува потенцијалниот раст да падне на само 0,1% до крајот на деценијата поради демографските притисоци и слабата продуктивност.



